Нема никаква основа барањето на ВМРО-ДПМНЕ тој да поднесе оставка, исто како и тврдењата дека „осудени лица слободно шетаат низ државата“, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во гостување на „Сител“, потенцирајќи дека никој не бил пуштен по волја на некого од власта.
„Памфлетите и соопштенијата со кои се бара моја оставка немаат никаква основа ни во реалноста ниту во политичките наводи. Сите луѓе кои ги спомнуваат во нивните соопштенија, се под контрола на системот. Сите имаат определен статус кој го определил судот на барање на обвинителството или по свое наоѓање. Сите тие лица кога имало потреба да се движат, тоа го прават под строго контролирани услови под надзор и одобрение на судот. Никој од нив не е пуштен по волја на кој било од власта“, рече Маричиќ.
Тој подвлече дека во демократските држави сосема е нормално лица кои имаат здравствени проблеми а кои се на издржување казна затвор или притвор, да имаат право на лекарска нега.
Во случајот со Зоран Милески-Кичеец, посочи, прекинот на издржување на затворска казна е даден врз основа на медицинска документација од страна на Управата за извршување санкции, која е должна да се грижи и за здравјето и безбедноста на затворениците.
„Во случај кога има оправдана медицинска документација, Управата има право да даде отпуст. Во моментот кога се случува сообраќајката… што е еден трагичен настан, верувам дека никој не го посакува… веднаш Кичеец најпрво е лишен од слобода, од болница, каде што бил на лекување. Од таму е однесен во обвинителството во Гостивар, од таму е однесен на издржување мерка притвор во затворот во Шутка, а Апелацискиот суд во Гостивар му го укинува притворот и го праќа на издржување затворска казна во Струга. Затворот во Струга, по дисциплинска постапка, му го одзема третманот кој го имал дотогаш во отворениот дел од затворот и тој веќе нема ниту едно од тие права и поволности кои ги уживал до инцидентот што се случи, до сообраќајката“, изјави министерот.
Маричиќ потенцира дека Кичеец сега е во затвор без можност да излегува, на издржување на затворската казна.
„Јавноста треба да знае дека сѐ е законски. Нема отстапување од законот. Ние имаме во моментот одредена бројка на затвореници од затворите од Скопје кои се на лекување од Ковид-19 во Државната болница. Имаме ситуација на познати притвореници и затвореници кои повеќе пати биле носени во болница заради здравствен преглед, интервенција и друго. Тоа не е незаконски. Она што се случило со сообраќајката е навистина немил настан, за што ќе се утврди одговорност“, посочи министерот.
За шпекулациите дека поранешната специјална обвинителка – Катица Јанева, не е на издржување на затворската казна, Маричиќ рече дека неговите информации говорат дека таа е во Идризово.
Денес Маричиќ исто така изјави дека над 30 лица годинава имале статус на лице кое е во отворено или полуотворено одделение на затворот и со тоа имаат можност да работат во текот на издржувањето на казната затвор. Статусот на сите лица, посочи тој, се регулира на релација меѓу Судот, Управата за извршување на санкции и директорите на затворите.
„Секој кој што е лишен од слобода во затвор или во притвор има одредени права и обврски, кои ги разгледуваат и одлучуваат судовите. За нас е најважно да се одржи јавната безбедност, судството да функционира по закон и никој да нема можност да избега, да влијае на сведоците или да го повтори делото“, рече Маричиќ.
Конкретно за Драги Рашковски, ако по одобрение на Судот бил на лекар, тоа е случај и со многу други притвореници и затвореници, истакна министерот.
„Ниту се случило некое бегство, ниту пак некој бил под таква опасност. Во секој од тие случаи, Судот треба да цени и постапува, исто како и Обвинителството и директорите на затворите, затоа што тие се надлежни за обезбедување на овие лица. Никогаш не треба притворот да биде казна, но мора да биде превентивна мерка против влијаење на сведоци, бегство и повторување на делото и треба системот ефикасно да ги спречува сите овие лица за кои има индиции“, рече тој.