Името на државата е Северна Македонија, но согласно Преспанскиот договор, имаме недвосмислено право на користење на кодовите „МКД“ и „МК“, истакна во „Само вистина“ на „Канал 5“ министерот за правда Бојан Маричиќ, прашан за реакцијата на Грција до Османи, дека државава на Европското првенство во фудбал не смее да биде означувана со „MKD“.
Ние целосно сме се обврзале и стоиме на доследно спроведување на договорот, но во текот на преговорите за Преспанскиот договор конкретно се инсистирало Македонија да го задржи правото на користење на кратенките „МК“ и „МКД“, за да имаме можност да останеме препознатливи, потенцира Маричиќ.
Според Маричиќ, како и според Османи претходно, и прашањето со името на ФФМ е сосема јасно. ФФМ е регистрирана според Законот за здрженија и федерации, не е јавен орган или институција формирана со посебен закон или финансирана од државата и затоа Владата не може да им го наметне името, рече министерот, додавајќи дека на ФФМ е да одлучи како ќе постапи по тоа прашање, односно дали ќе го усогласи името со Преспанскиот договор.
Маричиќ сумираше дека овие реакции се за домашна, внатрешна употреба во Грција и нема потреба да се толкуваат. Наместо тоа, треба да се фокусираме на нашата обврска да се држиме до договорот. „Сѐ додека го почитуваме Договорот, ние сме на сигурна страна и така треба да остане“, рече министерот за правда, подвлекувајќи дека во овие моменти е потребно што помалку политика, а повеќе спорт, притоа уверувајќи дека Владата, државата и ФФМ нема да прават намерни провокации во политички контекст.