Енди Мареј го освои УС Опен победувајќи го во епското финале Новак Ѓоковиќ со 3:2, по сетови 7:6 (10), 7:5, 2:6, 3:6, 6:2 по речиси пет часа игра.
Шкотот на тој начин го освои првиот гренд слем во кариерата по четири порази во финалните дуели, станувајќи првиот Британец по Фред Пери од 1936 година кој стигнал до ваква титула.
„Пресреќен сум. Ова е голем период во мојата кариера кој не сакам да го заборавам. Одигравме еден одличен меч. Кој и да победеше немаше да биде незаслужено“ истакна по победата Мареј.
Голема улога во финалето одигра силниот ветер кој дуваше во првите два часа. Мареј многу подобро се снајде во една таква ситуација освојувајќи ги првите два сета, но потоа Ѓоковиќ конечно почна да игра. Вториот носител ги доби следните два сета, за во петтиот, шкотскиот тенисер сепак да биде подобар, заслужено стигнувајќи до првиот гренд слем турнир.
Мареј на крајот имаше 31 винер и 56 неизнудени грешки, додека Ѓоковиќ покрај 40 винери имаше и 65 неизнудени грешки.
„Дадов сè од себе. Пробав буквално сè во еден феноменален меч. Но, Мареј го заслужи трофејот. По една таква игра навистина го заслужи“ рече Новак Ѓоковиќ, уште еднаш како вистински џентлмен, не штедејќи зборови за играта на својот противник.