Манчевски одликуван на најголемата филмска школа во светот

Московската филмска школа ВГИК го одликува нашиот режисер Милчо Манчевски со почесен докторат.

Почесниот докторат го доделува Советот на универзитетот, а на Манчевски му ја врачи Ректорот на ВГИК, Вадимир Малешев.

„Сега и официјално сум доктор за филм”, на шега изјави Манчевски.

ВГИК е единствен филмски универзитет (а не факултет) на светот и една е од најреномираните филмски институции воопшто. Формиран а во 1919 и е најстара филмска школа на светот. Меѓу бројните педагози кои предавале на ВГИК е и основоположникот на современиот светски синеастички израз, Сергеј Ејзенштајн, а дипломци на школата се Андреј Тарковски, Сергеј Параџанов, Сергеј Бондарчук, Елем Климов и др. На овој универзитет студираат 2.000 студенти, а ВГИК има и сопствено филмско студио, комплетна опрема за продукција и пост-продукција, лабораторија, па дури и свој студентски дом.

Минатата есен и оваа пролет, Манчевски гостуваше на ВГИК со педагошко-продукциски проект кој го финансираше американската влада. Во проектот на Манчевски беа вклучени сите факултети кои работат во склоп на филмскиот универзитет, а резултатите беа прикажани на завршна проекција на крајот на минатиот месец. Проектот доби огромен публицитет во руските и светски медиуми – за него опширно јавија ТВ каналот „Култура”, „Москва тајмс”, „Русија тудеј”, „Холивуд репортер”, итн.

Одлуката за доделување на Почесниот докторат (хонорис кауза) ја донел Наставничкиот совет на ВГИК, а информирани се и Руското Министерство за култура и Македонската амбасада во Москва.

- Реклама -