Големиот македонски писател, академик Петре М. Андреевски, кој почина пред дванаесет години, на 25 септември 2006 година, во интервју за неделникот „Пулс“ , запрашан за тегобите што се уште ги трпи македонскиот народ, рече:
„Мислам дека ние и слободата ја прифативме со мошне голем талог на ропска психологија. Дали е тоа, во најголем дел, последица на делбите на Македонија? Не знам. Имав еден пријател кој имаше обичај да каже дека живееме во една третина татковина. Од тоа би требало да произлезе дека располагаме и со една третина слобода. Но слободата се остварува и во тоа колку сме готови да ја браниме и од нашите слабости. Се сеќавам кога беше забрането, се разбира неофицијално, да се полагаат цвеќиња на гробот од Гоце Делчев. Името на еден од најголемите противници, сега го носи еден од булеварите на Скопје, а јас не би му дал ни пешачки премин. Но, луѓето сепак полагаа цвеќиња на гробот, во природата на човекот е да биде непослушен, но сите што полагаа беа бележани, снимани, проследувани. Денес мнозина од тие проследувачи станаа најголеми почитувачи на Гоцевото дело. Така, одеднаш, најголеми Македонци станаа оние што ги репресираа Македонците“, потстетува новинарот и писател Блаже Миневски во текст за „Денешен.мк“ .
Две години подоцна, академик Андреевски, автор на култниот роман „Пиреј“, во интервју за весникот „Вечер“, на прашањето што се случува со моралот во македонското општество, меѓудругото ќе изјави:
„Не знам како да ви одговорам, зашто кај нас искреноста секогаш се толкувала како дрскост, а не како човечка доблест. Една од контроверзите на нашиот општествен живот е политичката травестија и храброст на некои луѓе да гледаат во илјадници очи и да лажат, и задоволството на излажаните изразено со бурен аплауз. Голема контроверза се и белосветските политички манекени, кои секој ден дефилираат низ нашиот политички простор, се сликаат и не учат како да јадеме, како да кашламе, дали да ги персираме малинствата и во колкав обем, притоа нудејќи ни решенија за се и сешто таму каде што сме нерешителни. Тие исти мисионери ќе ја проверуваат нашата крвна слика, ќе ги снимаат нашите органи за варење за да видат како ја поднесуваат храната што не се јаде во нивните земји и во секоја пригода ќе се залагаат македонскиот ум да го дислоцираат на периферијата од актуелниот миг, кажувајќи ни дека сме мал народ, мулнинационална заедница со граѓански устав, каде Македонците стануваат само граѓани, а малцинствата ’национални етникуми’.
Во 1999 година, во интервју за весникот „Експрес“, на прашањето во какво време и каква земја живееме, академик Петре М. Андреевски одговара:
„Гледајќи кој се доаѓа во некаква мисија кај нас, или уште поточно, во некаква инспекција, и дека секој што доаѓа не прашува како живееме ние, туку само како живеат малцинствата и колкави се нивните права, излегува дека ние треба уште веднаш да се иселиме од својата татковина. Мислам дека нешто слично не дозволува ниедна суверена држава.“
Еден месец подоцна, во интервју за „Нова Македонија“, големиот македонски писател и патриот, автор на култни романи и поетски книги, запрашан што би им советувал на Македонците, порачува:
„Да си го вратат достоинството, храброста и вистината за себе.“
Во јануари 2001 година, пет години пред смртта, во интервју со новинарката на „Денес“, академик Петре М. Анреевски, запрашан дали како писател патриотизмот го чувствува како привлилегија или обврска, вели:
„Јас никогаш не сум бил толку богат за да го чувствувам патротизмот како привилегија. Во животот многупати ми се случило да го почувствувам како казна.“