Колку знаете за шахот? Ако сте фан, веројатно многу. Но дали знаевте дека некогаш одамна, секој од пионите имал свое име/титула?
Токму на ваков податок може да се налета на подкастот на Stuff You Should Know, во епизодата „How Chess Works“. Ако ова ве инспирира да истражите малку повеќе, веројатно ќе налетате на книгата „Chess! A Fun Game to Learn and Play“, напишана од Синклер Л. Вилкинсон. Во неа се набројуваат сите имиња (титули) на секој од пионите, но и потеклото на ова именување.
На страна 30 пишува:
„Во средниот век, монасите пробале да ги претстават пионите како граѓани. Првиот, на поле А2, претставувал земјоделец, а потоа следуваат ковач, ткајач/ткајачка, бизнисмен, доктор, меанџија, полицаец и коцкар“.
Можеби причината што титулите не останале во употреба е токму во тоа што е полесно да жртвувате пион отколку доктор или полицаец. A можеби и зашто шахистите се разумни и практични луѓе, а ваквото именување е непотребно усложнување на играта.
Помислете на ова следниот пат кога ќе ја почнете партијата со пион на Е4. Тоа не е само безлична фигура што ја праќате во битка – тоа е доктор!