Издавачката куќа Антолог од Скопје, во рамките на проектот СОЗДАДЕНО ВО ЕВРОПА: МОЌТА НА РАЗЛИЧНОСТА ја објави книгата Малиот бог на земјотресот од бугарскиот писател и драмски режисер Петар Денчев.
Книгата започнува како и многу други: со разделба. Една жена го напушта својот маж без некоја посебна причина. Го прави тоа старомодно, со белешка напишана на рака. Тој не изгледа изненаден, дури на почетокот воздивнува со олеснување дека не ѝ се случило ништо лошо. Така навлегуваме во светот на еден нереализиран филозоф кој е сопственик на цвеќарница. Во обид да ја открие мистеријата на исчезнувањето на неговата сопруга, презема трауматично патување во минатото – во својот гардеробер, среде руините на татковата куќа, по софиските улици, на брегот на Дунав, среде чаршијата во Скопје.
Преживувајќи го распаѓањето на љубовната врска, за да преживее по трагите на изгубеното, тој се става себеси на влезовите и излезите на сегашноста. Дали оваа интензивна потрага е во состојба да го надмине чувството за живот составено од страв и недостиг? Возможно ли е еден личен бог да го стабилизира свлечиштето на животот за да го забави напредувањето на лудоста, која ги претвора луѓето во машини?
Петар Денчев е бугарски писател и театарски режисер. Роден е во Варна во 1986 година. Во 2010 година дипломирал режија на НАТФИЗ „Крсто Сарафов“. Дебитира со раскази и поезија кои веднаш се наградени и номинирани на разни конкурси. Со книгата „Онака како што маж бакнува жена која ја сака“ победува на конкурсот за нов бугарски роман „Развиток“ во текот на 2007 година, а ја добива и наградата на „Рајфајзен банка“ на конкурсот „Јужна пролет“ (2008). Неговите театарски претстави поставени на сцените на големите театри во Бугарија гостувале на различни фестивали во Србија, Црна Гора, Романија и Косово и оттогаш датира неговиот интерес кон земјите од поранешна Југославија. Автор е на збирката раскази „Приказни во минато време“ како и на експерименталниот роман „Тивкото сонце“. Има објавувано во сите големи бугарски весници и списанија како и во американското „The Litter Box Magazine“ и на хрватскиот сајт „Критична маса“. Негови најнови дела се „Малиот бог на земјотресот“ (2019) и „Превртување“ (2021).
Преводот на делото е на Душко Крстевски, роден во 1981 година во Скопје каде се школувал и моментално работи. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Во 2013 година ја објавува поетската збирка „Алхемија на 21 век“. Застапуван е во неколку антологии на македонската млада поезија и учествува на неколку поетски фестивали. Од бугарски јазик ги има преведено делата на: Кристин Димитрова, Здравка Евтимова, Георги Господинов, Васил Георгиев, Алек Попов, Александар Секулов, Захари Карабашлиев, Виктор Пасков, Калин Терзијски, Добромир Бајчев, Петар Денчев и многу други.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија.
„Создадено во Европа: моќта на различноста“ е проект кој опфаќа превод, објавување, дистрибуција и маркетинг на седумнаесет книги кои се идеални репрезенти на моќта на разноликоста што владее на најстариот континент, отворајќи тематски сложени прашања: инклузивност, глобално затоплување, меѓусебно разбирање, правична застапеност на жените, еднаквост, преосмислување на личниот и колективниот идентитет, соочување со загубата, активизам и храброст да се биде различен. Европската литература е литература со исклучителни дела вредни за запознавање. Затоа, кога ќе се каже „Оваа книга е Создадена во Европа“ тоа нè прави сигурни дека во раце држиме литература која ја носи непомирливата моќ на привлечноста и на различноста.