Заканите постојат оти ДУИ после дваесет години не може да се соочат со реалноста дека се во опозиција, дека треба да се вратат на себе си и на реформите внатре во партијата, изјави Изет Меџити во гостување на ТВ Сител
Граѓаните не се спремни и не посакуваат да протестираат со цел да дестабилизираат нешто кога нема политичка кауза или пак кога каузата е „Соравија“ и други коруптивни зделки, вели вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити во однос на тоа дали постојат реални закани за дестабилизација на земјава од структури на ДУИ, како што неколкупати претходно изјавуваше премиерот Христијан Мицкоски.
Меџити вели дека постојат мал број на луѓе со „црни“ пари кои посакуваат дестабилизација во земјава за да може да си ја спасат кожата, но вели дека тој не верува дека ќе има такво нешто.
„Точно е дека има црни пари и посакуваат да има магла за да си ја спасат кожата, но тоа се мал број на луѓе и не мислам дека заради тие мал број луѓе некој ќе посегне или да крши закон или да сноси одговорност утре за некакво дестабилизирање. На крај на граѓаните им треба мир, им треба подобар животен стандард, повисоки плати, па и во однос на Охридскиот договор, еден од столбовите е токму децентрализацијата“,
рече Меџити.
Тој се осврна и на чествувањето на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, велејќи дека тој е нова перспектива кој е за доброто на целата држава и за подобра перспектива за сите граѓани, а во однос на паралелната прослава на ДУИ, рече дека како Влада испратиле официјална покана до ДУИ за државниот настан.
Претходно денеска на тема дестабилизација изјава имаше и премиерот Мицкоски кој кажа дека располагаат со дополнителни информации околу планот на ДУИ, според кој партијата се обидува да анимира критична маса во соседството која би ги поддржала на тие протести, но Мицкоски вели дека доколку има насилство, државата и институциите ќе одговорат соодветно за да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.
„Тоа е наша обврска и тоа ќе го сториме. Имаме план, имаме некои информации кои не би сакал јавно да ги споделувам, ги имаме лоцирано луѓето кои заговараат ваков тип на сценарија. Нивната сметка, што јавна, што тајна, е со повеќе од седум цифри во евра и нормално дека сакаат таа сметка да ја заштитат со манипулирање со чувствата на граѓаните. Но јас верувам во моите сограѓани Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, Роми дека ние сите сакаме да живееме во една мирна заедничка просперитена татковина и да ги поддржуваме политиките кои носат просперитет, а не политиките кои носат криминалитет“,
соопшти Мицкоски.
Тој обвини дека ДУИ како партија станала фактор за дестабилизација во регионот и во Македонија, и порача дека како Влада ќе се борат против политички криминалци и измамници оти во земјава мора да владее правото и Македонија да биде правна држава.
„Одѕивот кој што е на терен, од тоа што ние го имамаме како информација, е многу лош, кактастрофално лош, бидејќи граѓаните се свесни дека поединци кои што заговараат таков тип сценарија од голтари во политиката станаа милионери и сфаќаат дека тие не се кредибилни за да можат да ги анимираат граѓаните за да излезат на таков тип на протести. Бидејќи тие сакаат да го штитат капиталот кој што го стекнале во овие 20 години, не дека навистина имаат некаква реална потреба од такво нешто“,
вели Мицкоски.
Покрај Мицкоски, претходно и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека ова раководство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) веќе наесен може да преземе чекори за дестабилизација на државата, но дека граѓаните не треба да бидат загрижени за безбедносната состојба во Македонија оти Министерството за внатрешни работи (МВР) и останатите надлежни институции ќе одговорат соодветно во рамки на законските надлежности.
„Точно е дека постојат информации кои се во насока на тоа што го говори премиерот. Јавноста треба да биде запознаена со сите факти што се во нејзин интерес, а ова е едно од тие прашања“,
рече тој.