Макрон во Белград: Местото на Србија е во ЕУ, можете да бидете пример за целиот Западен Балкан

Макрон на прес-конференцијата со својот домаќин рече дека на Европската Унија и е потребна силна и демократска Србија, а одлуката на Белград за купување на авионите „рафал“ е еден стратешки и долгорочен избор во таа насока

Одговарајќи на прашања на француските новинари, дали Србија со купувањето на авионите „рафал“ се оддалечува од Москва и се доближува до ЕУ, српскиот претседател рече оти е горд на политиката на Србија, која секогаш ја почитува Повелбата на ОН

Местото на Србија е во Европската Унија (ЕУ), изјави францускиот претседател, Емануел Макрон, кој од денеска е во дводневна посета на Србија, на заедничката прес-конференција со својот српски колега, Александар Вучиќ.

Францускиот претседател, Емануел Макрон и неговиот српски колега, Александар Вучиќ на заедничката прес-конфренција во Белград / Фото: EPA-EFE/MARKO DJOKOVIC

Претходно на средба меѓу двете делегации, како што пренесуваат српските медиуми, биле разменети потпишаните меморандуми и договори за соработка меѓу Србија и Франција, меѓу кои и оној за набавка на француски борбени авиони „рафал“.  

Макрон на прес-конференцијата рече дека на Европската Унија и е потребна силна и демократска Србија, а одлуката на Белград за купување на авионите е еден стратешки и долгорочен избор во таа насока.  

„Многу работи се случија во последните пет години, имаме многу тензии. Војната се врати на европскиот континент со руската агресија врз Украина. Освен оние прашања што си ги поставуваме, и сомнежите што не обземаат, мојата порака е едноставна, на Европската Унија и нејзините земји членки во овој контекст им треба силна и демократска Србија, а на Србија и е потребна силна и суверена Европска Унија за да ги брани нејзините интереси. Србија има место во Европската унија и таму може да игра многу важна улога и да послужи како пример за целиот регион на Западен Балкан и ние сме подготвени да ги поддржиме сите напори кои се неопходни, како во економијата, така и во подобрување на владеењето на правото и секојдневниот живот“,

рече Емануел Макрон, пренесува РТС.  

Во таа насока, тој додаде дека би сакал наскоро да се создадат услови за отворање на нов кластер од преговарачки поглавја меѓу Србија и Европската унија, како и дека Франција е подготвена и понатаму да покренува иницијативи во рамките на европската политичка заедница во која гласот на Србија се почитува и се слуша. 

Говорејќи за односите меѓу Белград и Приштина, францускиот претседател рече дека нормализацијата на тие односи е составен дел од процесот на приближување кон Европската унија. 

„Тоа прашање нема да се реши без компромис меѓу двете страни, доколку нема политичка храброст да се дојде до решение“,

изјави Макрон. 

Одговарајќи на прашања на француските новианри, дали Србија со купувањето на авионите „рафал“ се оддалечува од Москва и се доближува до ЕУ, српскиот претседател рече оти е горд на политиката на Србија, која секогаш ја почитува Повелбата на ОН, што не може да се каже за многу земји на Запад. 

„Знам дека Емануел би сакал да воведеме санкции кон Русија, но не се срамам од мојата одлука. Јас своите потези му ги објаснувам на мојот народ“,

рече Вучиќ.  

Од прес-конференцијата на Вучиќ и Макрон / Фото: EPA-EFE/MARKO DJOKOVIC

Србија, рече тој, го поддржува територијалниот интегритет на Украина, нација, која, како што додаде, ја сметаат за пријателска.  

Во врска со авионите „рафал“, српскиот претседател рече и оти е невозможно Србија да ѝ пренесе технологија на Русија. 

Тој рече дека 12 нови авиони ќе бидат во сопственост на Србија и дека станува збор за договор чија вкупна вредност изнесува 2,7 милијарди евра.  

Договорот за купување на француски воени авиони го потпишаа министерот за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ и Ерик Трапиј, извршниот директор на компанијата „Дасо“, која ги произведува борбените авиони „рафал“. 

Србија и Франција постигнаа договор за купување на авионите во април годинава за време на посетата на Вучиќ на Париз и средбата со Макрон, чие финализирање беше најавено за наредните месеци.  

Францускиот претседател Емануел Макрон е во официјална дводневна посета на Србија. На аеродромот во Белград тој беше пречекан од својот домаќин, претседателот Вучиќ, по што имаше свечен прием пред Палатата на Србија со сите воени почести и интонирање на химните на двете држави.  

Од пречекот на францускиот претседател во Белград / Фото: EPA-EFE/MARKO DJOKOVIC

Добредојде на францускиот претседател, Вучиќ му посака и во објава на неговиот профил на Инстаграм, во која напиша дека посетата на Маркон за Србија е немерлива во политичка и економска смисла.   

„Ни претстојат нови чекори со кои ќе го прошириме партнерството и ќе ги зајакнеме традиционално добрите односи меѓу нашите две земји и два народа“,

напиша Вучиќ. 

Српските власти најавија и дека за време на посетата на Макрон ќе бидат потпишани голем број договори во областа на енергетиката, развојот, културата и одбраната. 

На вториот ден од престојот во Србија е предвиден францускиот претседател да ја открие плочата по повод завршувањето на работата на модернизацијата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“, а ќе ја посети и галеријата на Матица Српска во Нови Сад и ќе одржи говор на форумот за млади и вештачка интелигенција. 

Денешното доаѓање на Макрон во Белград е втора негова посета на Србија во последните пет години.  

- Реклама -