Макрон навести настап на Селин Дион на отворањето на Олимпијадата


Францускиот претседател Емануел Макрон навести дека пејачката Селин Дион ќе се појави на отворањето на Олимписките игри во Париз во петок.

Канаѓанката, една од најпознатите пејачки од француското говорно порачје на сите времиња, боледува од ретка автоимуна болест и не настапува со години.

Би било „одлична вест“ доколку настапи на церемонијата на реката Сена во срцето на француската престолнина, изјави Макрон за ТВ Франс 2, „бидејќи таа е голем уметник“.

Се шпекулира дека 56-годишната уметница веќе престојува во олимпискиот град.

„Наводно таа пристигнала во Париз“, интригантно рече Макрон, без да даде повеќе детали.

Дион, чиј најголем хит е „My Heart Will Go On“, објави во декември 2022 година дека ѝ е дијагностициран синдром на вкочанета личност.

Во едно неодамнешно ТВ интервју, таа сподели дека оваа состојба може да предизвика грчеви во мускулите каде било во телото, предизвикувајќи, на пример, да и замрзнат рацете или стапалата. Има проблеми со одење и пеење.

- Реклама -