По острите реакции на корисниците друштвените мрежи, кои испуштените „Македонски“ и „Македонска“ во имињата на градовите Македонски Брод и Македонска Каменица на мапите на Макпетрол ги поврзаа со политичките околности и потпишаните договори за добрососедство со Грција и Бугарија, веќе денеска Макпетрол АД ги повлече од дистрибуција спорните мапи.
Како што велат од компанијата, спорните мапи во кои поради ненамерна техничка грешка топонимите биле наведени без „македонски“ уште денес заминуваат во историјата, а веќе од следниот викенд на граничните премини Табановце и Богородица на странските туристи ќе им биде поделено ново издание патни карти во кои грешката ќе биде поправена.
Инаку, како што објаснија вчера од Макпетрол, мапата што им се дели на странските туристи на граничните премини компанијата овластено ја превзема и користи, таква каква што е, од овластен картограф – изработувач на мапи. Единствените измени што Макпетрол ги прави е што ја дополнува со симболи што се однесуваат на местоположбата на нивните бензински станици на главните патни правци во земјата. При тоа, нагласуваат, останатите содржини на мапата не се менувани, односно сите топоними се оставени непроменети во својата изворна форма.
„За жал, во процесот на техничката подготовка не сме забележале дека топонимите Македонски Брод и Македонска Каменица, во користената карта се наведени како Брод и Каменица без додавката ‘македонски’, најверојатно заради недостаток на простор“, објаснија од компанијата и уверија дека во наредните изданија нема да дојде до вакви или слични технички пропусти.