Штип, 14 септември 2021 (МИА) – Фестивалот на забавна музика „Макфест“ втора година по ред ќе биде на отворено, локацијата е Аква бела ресорт или поранешниот Градски базен во Штип, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов.
Забележа дека одлуката е донесена поради протоколите за организирање на вакви настани. Смета дека годинава фестивалот ќе го има сјајот од претходните фестивали.
-Се одлучивме за оваа локација, бидејќи изобилува со убавини, како и со добра акустика, која е потребна. Јас не знаев, но еве има луѓе кои знаат во тоа поле и кажаа дека е многу важна акустиката, околината и како ќе се прима и одбива тој звук. Направивме една прекрасна организација со тим од експерти, кои се за сценско, звучно уредување, вели Николов.
На 17 септември на сцената ќе се интерпретираат 12 нови песни, а од нив пет поминуваат во финалната вечер на 18 септември.
Уметничкиот директор на „Макфест“, Владимир Дојчиновски на денешната прес-конференција рече дека годинава имаат и нови водители, но и нова форма на фестивалот.
-За првпат ќе имаме ваква форма, значи две вечери, каде првата е полфинална и едноставно ја крстивме прва вечер, не баш дебитантска вечер, бидејќи сите овие изведувачи иако се за првпат на сцената на „Макфест“, тие во својата професија се големи професионалци и по мене баш епитетот дебитанти не е добар. На финалната вечер имаме изведувачи, кои се доста познати кај нас и победници повеќекратни во минатите години, вели Дојчиновски.
Досега се акредитирани 40 новинари и медиумски работници. Публиката ќе мора да ги почитува протоколите, да има и сертификат за примени вакцини против Ковид-19.