Македонската машка ракометна репрезентација забележа втора победа на меѓународниот турнир во Швајцарија, триумфирајќи над Украина со резултат 31-26 (13-17).
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров по отлично изведеното второ полувреме успеаја да дојдат до победа, откако првото полувреме не им беше идеално, со неефикасна игра во нападот и одбраната. Украина замина на пауза со предност од 17-13.
По возобновувањето на играта, сцената на паркетот во Винтертур се промени. Македонската селекција ја искористи добрата форма на голманот Галевски, кој запиша неколку важни одбрани, и со серија од 6-1 стигна до предност од 19-18 во 39. минута.
Во последните 15 минути од натпреварот, нашите ракометари постепено ја зголемуваа предноста, за на крајот да забележат убедлив триумф.
Македонските ракометари стартуваа на турнирот со победа над Бахреин со 32-28 во четвртокот, а во последното коло ќе се сретнат со домаќинот Швајцарија, утревечер со почеток во 18 часот.
Овој натпревар ќе биде последен тест за Лазаров и неговите избраници пред започнувањето на Европското првенство, кое ќе се одржи во Данска, каде што на 16 јануари, во Хернинг, ќе се соочат со домаќините.




