Со одлука на Собранието на Македонскиот олимписки комитет, оваа спортска организација се преименува и од денеска ќе го носи името Олимписки комитет на Северна Македонија, односно скратено ОКСМ.
По барање и во координација со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), ОКСМ го промени и статутот, по што Собранието на оваа организација ќе брои 53 членови. Од нив 29 делегати ќе бидат од спортски федерации од олимписки спортови, додека останатите од спортови кои ги нема на олимписката програма.
Васил Тупурковски, кој е претседател уште од формирањето во 1992 година, ќе остане на чело на ОКСМ до Олимписките игри во Токио следната година. За потпретседатели се поставени претседателите на боксерската и кошаркарската федерација, Примислав Димовски и Перо Антиќ.