Македонскиот гостин на Груевски откри зошто бил во Унгарија

Александар Трајковски, кој неодамна беше фотографиран со Никола Груевски во Будимпешта, се појави на денешното рочиште за „Насилствата во Центар“, каде е обвинет заедно со Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште девет лица.

Трајковски – советник на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба и вработен во „Царинска управа“, пред рочиштето ги избегна новинарите, но на паузата и за време на судењето соопшти дел од деталите за своето патување во Унгарија.

Бил на специјалистички преглед за синусите и дишните патишта во унгарската „Дуна медикал“, изјави тој за новинарите. Тој ја потврди средбата со Груевски, со кој се сретнал како со сопартиец и поранешен лидер, вели, но без да ги коментира деталите. Не знае ни кој ги фотографирал, но се пожали дека поради (фотографијата со) Груевски станал мета на јавноста, па сега се калкулира со неговото притворање и губење на работното место.

„Да бев еден чекор назад, немаше да се знае дека сум во Унгарија“ – изјавил Трајковски.

На рочиштето, пак, специјалната обвинителка Фатиме Фетаи го праша Трајковски зошто токму во Унгарија:

„Отидов во Будимпешта да барам второ мислење за мојата болест. Унгарија како понапредна држава од Македонија и членка на ЕУ има и понапредно здравство. Побарав мислење од доктори и за тоа имам и документација што ќе ја доставам до судот. Во Будимпешта заминав самоиницијативно на своја воља“, рекол Трајковски, пренесува Курир.мк.

„Кој ве упати токму во Будимпешта, зошто баш таму? Зима е, ладно им е на синусите“, рекла Фетаи.

„Јас сум слободен човек обвинителке“, одговорил тој.

„Во интерес на постапката и вашето редовно присуство во иднина, дали ќе одите повторно на преглед во Будимпешта?“, прашала Фетаи.

„Отидов, ми констатираа тоа што ми го констатираа, ќе се лекувам тука“, ѝ одговорил Трајковски, пренесува СДК.мк.

Откако Трајковски беше фатен на фотографијата со Груевски, од „Царинска управа“ објавија дека тој земал неколкудневно боледување.

 

- Реклама -