Македонската судбина на Марија Кири

marie-curie_toned[1]

На денешен 23-ти јануари 1911 година, Француската академија на науките го отфрла барањето за членство на нобеловката Марија Кири. Причината? Малку сексизам, малку расизам и малку шовинизам. На нејзино место академијата го прифаќа Едвард Бренли – радио пионер, чија единствена предност во однос на Кири е дека е повеќе Французин, повеќе католик и повеќе маж.

При одбивањето на членството на Кири, Француската академија на науките сосема намерно и свесно го игнорира нејзиното „златно резиме“ и значaјниот придонес во нејзината област: сето ова се случува 8 години подоцна, откако во 1903-та година Кири заработува Нобелова награда за физика (заедно со сопругот Пјер и Хенри Бекерел), за нејзината работа на полето на изолирање на радиум, со што Марија станува првата жена удостоена со вакво признание. Таа ќе стане и еден од главните застапници на идејата дека радиумот има и терапевтски својства.

Згора на тоа, во моментот кога е одбиена, Кири веќе стоела на чело на лабораторијата по физика во Сорбона, имала докторат по наука и била професор по општа физика на Факултетот за науки, станувајќи првата жена што некогаш застанала на таа функција.

Што тогаш и фалело, според Француската академија на науките? Кири е Полјакиња и според гласините – Еврејка. Фактот дека е жена, пред сé, бил позначаен од нејзините квалификации, барем за луѓето кои решавале кој да биде примен, а кој не, во Академијата. Што ќе рече еден од академиците, Емил Хилаир Амагат, „Жените не можат да бидат дел од Институтот на Франција“.

Истовремено, Француската академија на науките му била мошне благонаклонета на Бренли, чија работа во областа на безжичната телеграфија била засенета од Италијанецот Гилермо Маркони (Маркони ќе ја однесе Нобеловата награда во 1909-та). Од друга страна, Бренли бил професор по физика на Католичкиот универзитет во Париз, бил многу побожен и уживал голема поддршка од Папата.

„Војната“ помеѓу Кири и Бренли станува главна тема во францускиот печат: либералните весници реагираат на изборот на академијата и застануваат на страната на Кири, додека конзервативните го поддржуваат Бренли. Сепак, со оглед на тоа што отсекогаш важи правилото дека едно е како треба, а друго е реалноста, одлуката на академијата останува непроменета.

Реакцијата на Кири? Нејзиниот одговор бил да се фрли на работа. „Одмаздата“ стигнува подоцна истата година, кога Кири ќе добие и втора Нобелова награда, овој пат за хемија, за нејзината работа на полето на радиоактивноста. Подоцна ќе го основа и Радиум Институтот, во нејзината родна Варшава.

Постапката на Француската академија не го рефлектира генералниот однос на научничките кругови кон Марија Кири. Напротив, предрасудите на нејзините членови ги немало помеѓу колегите на Кири, меѓу кои таа била многу ценета. Добила многу награди и и биле доделени неколку високи функции во важни, влијателни организации.

- Реклама -