Познатата фолк пејачка Силвана К. (како бе не знаете која е?), потресена од потресите, доби инспирација да напише потресна песна за денот кога (како што може да се заклучи од песната) мајката Земја се испонаша како да е пред мензис и реши да им се истури на пар скопјани и другите во Скопје за сета тортура што човештвото ѝ ја има приредено откако гази по нејзиното лице.
Вели дека стиховите ѝ дошле сами од себе и за неполни 5 (со букви: пет) минути ја напишала песната, за која што се надева дека ќе придонесе барем малку да се разбуди човечкото во луѓето… и дека ќе ги запре земјотресите.
А самата песна е замислена не да биде пеена (воопшто не е заради тоа што никој не знае како да ја испее) туку читана како поезија (во одредени рани фази на школувањето може да пројде како таква) врз музичка основа, што дополнително би нé потресло нас слушателите и би нé натерало да поработиме на лошите односи со милата ни мајка, за кои доказот го наоѓаме уште во првите стихови.
И ЗЕМЈАТА РЕШИ ДА ЗБОРИ
Татнеж силен в миг се стори!
Чудно чудо и земјата реши да збори!
Еј ситни души, клети и изгубени,
од нечестивиот, од мракот сте заробени!
Каде се добрината и праведноста?
Во вас одамна царува алчноста!
Еј лоши луѓе, саможивни и злобни!
Не срдете го Бога, ќе следат денови кобни!
Да! Јас сум таа, Земјата што ве храни!
Овојпат, ќе дрмам, ќе тресам на сите страни!
Еј луѓе мои, кај отиде човечноста?
Молете се брзо, спасете ја вечноста!
Моево тло издржало непогоди разни,
од поплави, пожари па и војни безобразни!
Простете, но ја поместивте секоја граница!
Запрашајте се која ќе ви биде следна станица?!
Но сеуште еве јас надеж ви давам,
извесно време на пробен тест ве ставам!
Покајте се бре луѓе, за секоја грешка,
од срцата да ви падне онаа грутка тешка!
Подајте си рака меѓусебно,
од тоа нема ништо повредно!
Не судете по нација и вера!
За да сториш добрина, тоа нема мера!
Господ е голем, вие сте негови чеда!
Покајте се искрено за својта духовна беда!
Ширете насекаде љубов и доблести!
Да нема веќе потреси и земјотреси!
Ете, јас Земјата, тоа имам да ви кажам!
Поправете се, покајте се и нема да ве лажам!
Ако љубовта во вашите души пак зацарува,
потреси нема веќе да има,
мојто тло ќе мирува!
Сé на сé, искрена порака и одлично промислена и длабока песна од која можат да се извлечат пар важни заклучоци:
• Дека употребата на разговорен скопски (она „збори“) во насловот и тоа како го амплифицира уметничкиот дојам
• Дека планетата цело време знаела и одамна има став по одредени филозофско-религиски прашања, како она за Бог, Нечестив, душа, покајание… не и за сеизмичка активност, додуша.
• Дека (врз основа на горенаведеното) си го бараме Скопје ’63-та со боринче и заслужуваме да нé потепа земјотрес
• Дека кога на планетата ѝ пука филмот, тоа го манифестира со дрмање, а кога дрма прво нé дрма пробно, за да види дали ќе се опаметиме
• Дека нé лажела (не се знае за што точно) и дека ако се покаеме веќе нема да нé лаже
• Дека постои начин да се спречат земјотреси
• Дека тектонските плочи се небитни
• Дека ако нема земјотреси нема да се промени сиот Земјин лик, атмосферата и животот на планетата воопшто
и најважно!!!
Дека нашата естрада навистина страда. Која друга музичка естрада во светов добива инспирација од земјотрес бе, и тоа земјотрес од 5.3 степени по Рихтер кој поминува само со пар пукнати ѕидови? Која друга естрада се понаша како тоа да е првиот земјотрес што се случил на планетава? Кои нормални медиуми промовираат ликови што се четврта година на Филолошки факултет, „запишани со помош на владината програма за постари студенти“, а пишуваат поезија како да се четврто одделение? Кои нормални медиуми ги нарекуваат ликовите кои во обичен земјотрес наоѓаат инспирација (читај: им треба актуелна песна за малку пари/слава) да напишат дека земјотресите се случуваат зашто луѓето биле лоши – естрада?
Јас лично да сум земјотрес, тука никогаш не би се вратил бе. Замисли, да удриш силно и да не успееш да срушиш ниту еден ѕид, а тоа греотките да ти го опејуваат резилот во песни кои ќе останат засекогаш зачувани на интернет, за да ти се смее светот. Не знам за вас, ама со ваква еСТРАДА, јас мирно ќе спијам.