Македонската „Гранд ѕвезда“ порачува: Веднаш да нè остават на мира, народот треба да си стекне колективен имунитет

„Ако гледаме реално, ние музичарите сме најпогодени од овој вирус“, вели македонскиот пејач Стефан Величковски, кој се прослави со успешните настапи на „Ѕвездите на Гранд“, во интервју за весникот „Вечер“. Голем број од пејачите, како и тој самиот, вели, се невработени и немаат никакви финансиски примања. Неговите колеги стpaдаат не само овде, туку и во светот, додава тој:

„Одеднаш останавме без работа, без пари. Нема свадби, нема родендени, нема прослави, немаме настапи во ресторани, нашите иселеници не дојдоа, авионите не летаат, сè е прекинато“.

„Токму така! Така велиме ние музичарите, со тие зборови“, воскликнува Величковски на констатацијата на новинарот дека токму во овој летен период требало да започне „најголемата жетва“ на музичарите:

„За жал, ништо од тоа. Кај и да погледнете, сè е пусто. А живот без музика, не е живот. Уште пожално е што не добивме никаква помош од државата за овие неколку месеци колку што сме дома. Сепак, јас се надевам дека за брзо време ќе мора сè да се враќа во нормала, бидејќи во спротивно не знам што ќе се случува со естрадата. Без работа нема паричка, нели?!“.

Во интервјуто, пејачот не само што отворено зборува дека не верува во вирусот, туку и го нарекува „наметнато зло од светските моќници“. Попатно, Величковски дава и совет како да се победи вирусот – народот требало да си развие колективен имунитет:

„Јас најискрено не верувам во оваа болест, мислам дека сето ова е измислено. Успешна лага од луѓе кои сакаат да се богатат и да си го полнат џебот додека народот едвај преживува и се бори за парче леб. Како можат таквите да предвидуваат што ќе се случи во октомври во ноември, декември и дали ќе имало трет бран и слично. Како? Според мене, треба да нѐ пуштат да си живееме како што си живеевме пред тоа, вака се отуѓивме едни од други. Еј, па и бракови веќе нема да има од пустиот страв да бидеме интимни. Луѓето не ќе можат да си го имаат своето потомство. Трагедија. Веднаш да нè остават на мира, народот треба да си стекне колективен имунитет“, порачува тој.

Во интервјуто (целото можете да го прочитате ТУКА)меѓу другото, Величковски открива и дека секогаш сака да е во друштво на убави девојки, бидејќи, како што вели, смета дека тоа го заслужува…

Во меѓувреме, зборувајќи за важноста на почитувањето на мерките, италијанскиот претседател Серџо Матарела им се обрати на оние кои бараат поголема слобода и ги потсети дека опасноста не е помината и дека само до пред четири месеци Италија имаше по 800 пoчинати дневно. Италијаните не смеат тоа да го заборават, порача тој, додавајќи: „Слободата не значи дека можеме слободно да ги заразиме другите“.

 

 

- Реклама -