Македонска петиција за размрдување на Германија (околу македонските возачки дозволи)

За тие што ги мрзи да читаат, линк до петицијата: ТУКА. На крајот на текстот ќе најдете и видео упатство.

Македонските државјани се меѓу ретките Европејци чии возачки дозволи не се признаваат во Германија. Во Германија живеат и работат над 100.000 Македонци.

До ден денес, македонските државјани во земјата, како и државјаните од други земји кои немаат склучено билатерален договор со Германија, имаат право да управуваат со моторно возило од „Б“ категорија само во првите шест месеци откако уредно ќе пријават престој. Истото важи и за Македонците кои македонските возачки дозволи ги имаат заменето со возачки од други земји на ЕУ (на пример, Германија ти ја признава возачката ако си положил во Бугарија, но не ти ја признава ако си положил во Македонија и потоа ти е преведена на бугарски). Единственото решение по истекот на тие 6 месеци е одново полагање на возачкиот испит. Вкупните трошоци околу полагањето во Германија се движат околу 2.000 евра.

Кратка историја на возачката голгота на Македонецот

Проблемот постои уште од осамостојувањето, а иницијативата за признавање на македонските возачки дозволи во Германија е започната уште во 2007 година. Првично проблем беше негативното мислење – кое се провлекуваше уште од ‘90-тите, кое своевремено го даде германската амбасада во Скопје; тогаш амбасадор беше Ралф Бред. Ставот беше дека полагањето во Македонија не е соодветно со германското, дека испитот трае прекратко, немало возење на автопат, па и дека се прават многу сообраќајни незгоди, дека возачките дозволи се купуваат… Со тоа се запечатија преговорите без многу понатамошна дискусија.

Околу 2010-та имаше нова иницијатива од македонска страна. Германија тогаш непризнавањето го образложуваше со аргумент дека македонскиот возачки испит не е соодветен на европските директиви. Македонската реакција гласеше: македонските возачки се веќе важечки во Италија, Франција и Шпанија, па зошто не би биле и во Германија? Сепак, набрзо дојде и до промена на правилникот за полагање во Македонија, при што беше адаптиран и (до)усогласен со директивите на Европската унија, кои се основа и во Германија.

Во меѓувреме, за договорот беа задолжени германското Министерство за сообраќај и дигитална инфраструктура и македонското МВР (сега е надлежно Министерството за транспорт). Од МВР признаа дека процедурата со години била заглавена токму кај нив. Но оттогаш пречките се наводно отстранети и се чека на Германија. Порано годинава, за проблемот на македонските државјани во Германија пишуваше и германскиот „Оснабрикер цајтунг“. На прашањето до каде е постапката, германското Министерство за транспорт им одговорило дека „македонската влада сѐ уште не одговорила на одредени прашања и по неколку отворени точки“. Според нив, за да дојде до признавање на возачките, испитите и сообраќајните услови во Македонија мора да бидат слични на германските…

Маката ја трпат обичните луѓе, не дипломатите

Во средината на овие дипломатски игри, колатералната штета се Македонците што живеат и работат во Германија. Веќе некое време се обидуваат да извршат притисок врз германската страна преку онлајн петиција. Тоа веќе им успеа на Србите, кои на почетокот на годинава успешно склучија билатерален договор, според кој можат да ги заменат своите возачки со германски.

Македонската петиција треба да собере 50.000 потписи. Рокот беше до јули, но е продолжен на уште една година. Иницијаторите порачуваат дека секој еден потпис значи голема помош за сите Македонци што живеат и работат во Германија, „затоа што возачката дозвола не е ЛУКСУЗ, туку е ПОТРЕБА“. „Со поддршка од сите вас, ќе докажеме колку нашиот народ е обединет. Заедно сме посилни од сé“, порачуваат Македонците од Германија.

Досега се собрани 30.000 потписи, а преостануваат уште 20.000. Додајте го и вашиот, и може да придонесете Македонија да победи во овој дипломатски маратон, ко за промена.

Линк до петицијата: ТУКА.

Повелете и видео упатство за пополнување:

Ќе ја најдете и на Фејсбук: ТУКА.

- Реклама -