Поминаа првите два дена од филсмкиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола.
Кога ќе се направи еден впечаток за досегашното течение на фестивалот, неизбежно е да се спомене дека се случува од сè по нешто. Од фантастична организација и машинерија која од година во година носи се позвучни имиња од светот на филмот, до по некој скандал, но и излегувањето на виделина во однос на тоа, каква публика сме ние во светот на културните манифестации.
Да започнеме како што започна се – со црвениот килим.
Гламурозни тоалети имаме и во Македонија тоа не е спорно, но познавање на настаните, слабо. Непосредно по килимот сите се упатија кон салата во Домот на културата за да бидат врачени наградите Златна камера, а годинава присутни беа дури тројца Оскаровци.
Прочитај повеќе на таа тема: Светски и во полн сјај – Започна филмскиот фестивал „Браќа Манаки“
Наградуваните одржаа кратки говори, Претседателот го отвори настанот и време беше за најновиот филм на Жулиет Бинош, па така филмот се прикажа во полу празна сала.
Кај нас, веројатно килимот и вниманието се поважни од настанот. Се разбира дека има и луѓе кои знаат која е навистина таа, со кои се режисери има соработувано, но оние што ги испразнија своите седишта очигледно не знаеа колку вистински фанови би сакале да се на нивното место, бидејќи „Жулиет не била многу позната. Имала глумено само во еден филм со Џони Деп“ – разговор меѓу двајца ВИП гости во фоајето.
Црна дамка на фестивалот остави и скандалот со Столе Попов, кој наводно испровоциран од новинарско прашање по кратка расправија со организаторката Лабина Митевска го напушти настанот пред очите на француската актерка.
Прочитај повеќе: Столе Попов – „Јас сум режисер, вие треба да знаете што е тоа“
И тука малку медиумското известување излезе од контрола. Главна вест стана зошто Столе се расправаше со Лабина, а насловите од вчерашната премира беа„ Премиерата на До Балчак помина мирно“, божем се говори за протест, а не за филмски настан од светски рамки, додека филмот замина во втор план.
Како што тргнале „Браќа Манаки“ во следните години ќе донесат уште многу Оскаровци, ѕвезди, уште многу истакнати кинематографи, уште повеќе гламурозни килими. А ние, ако не знаеме која е Жулиет и што значи зборот кинематограф (зборувам како публика) можеме да уживаме во некое кафуле, додека некој вистински љубител на филмот ги оставрува своите соништа, да биде во непосредна близина на своите идоли.