Македонија ја победи Словенија со 3:2 (видео)

Македонската фудбалска репрезентација оствари триумф од 3-2 над Словенија во пријателскиот натпревар што се одигра на арената „Филип Втори“. Околу 4.000 гледачи имаа можност да следат возбудлив дуел разубавен со пет погодоци.

Уште на почетокот Словенците тргнаа офанзивно и по првиот корнер во 9.минута добија можност да го отворат резултатот од пенал.

Ферхан Хасани играше со рака во сопствениот шеснаесетник и судијата Грујиќ покажа на белата точка. Јасмин Куртиќ ја презеде одговорноста во таборот на Словенците, шутираше во долниот десен агол од голот на Томе Пачовски, но чуварот на мрежата на македонската репрезентација со одлична интервенција ја спаси мрежата и го сочува почетниот резултат. Во 13.минута се закани и Горан Цвијановиќ, но шутираше крај голот.

По петнаесетина минути, конечно се закани и Македонија, и тоа конкретно. Новиот напаѓач во националниот тим, Адис Јаховиќ покажа дека може да биде опасен, погодувајќи го дирекот од голот на Словенија. Малку недостигаше за македонската репрезентација да дојде во водство. Во 18.минута, Агим Ибраими се обиде од слободен удар, од дваесетина метри, но ударот заврши малку над гредата.

Тоа беше најава дека Македонија тргнува во поконкретна офанзива и го бара водечкиот гол на оваа средба. Дојде и тој погодок, во 26.минута, откако Дарко Тасевски одлично зафати полуволеј од 14 метри и ја затресе мрежата на Хандановиќ. Адис Јаховиќ успеа да ја спушти нафрената топка до Тасевски, а овој со одмерен удар погоди на вистинското место.

Водечкиот погодок за Македонија беше знак и Словенците уште повеќе да ја отворат својата игра. Тргнаа веднаш по израмнување, а првата посериозна шанса ја имаше Кевин Кампл во 32.минута. По левата страна одлично продре Марох, ја сврте топката на вториот дирек, а Кампл упати удар по земја. Но, Пачовски и овојпат беше на висина на задачата и рефлексно одбрани, а во вториот обид Кампл шутираше над голот.

Но, повторно Македонија постигна погодок. Адис Јаховиќ се покажа како вистинско откритие во офанзивата, расен стрелец, и откако во својата прва шанса го погоди дирекот, веќе во вториот конкретен обид го матираше Хандановиќ. Во 41.минута, Ибраими изведе слободен удар, ја нафрли топката во шеснаесетникот на Словенија, а Јаховиќ покажа дека е одличен скокач и дека умее да ја затресе мрежата кога ќе му се укаже и најмала можност за тоа.

Второто полувреме исто така почна со возбудливи моменти и голови. Словенија намали на 2:1 преку нововлезениот Нејц Печник, кој во 48.минута најдобро се снајде во шеснаесетникот на нашата репрезентација по нафрлувањето од левата страна и го совлада Мартин Богатинов, кој доби шанса на голот во вториот дел.     Но, само три минути подоцна, Агим Ибраими повторно ја врати предноста за Македонија од два гола позитива. Распали по топката од 40 метри и го изненади Самир Хандановиќ, постигнувајќи еврогол.

Ревијата голови продолжи со несмалено темпо, двајцата селектори Јаневски и Стојановиќ направија по  неколку замени во селекциите, а Печник се покажа како супер-резерва за Словенците, откако во 63.минута и по вторпат ја затресе мрежата на Богатинов.

По овој погодок, словенечките репрезентативци тргнаа и по израмнување. Во 73.минута, имаа убава шанса откако Цвијановиќ нафрли од десната страна, но капитенот Грнчаров во последен момент ја расчисти опасноста. Само две минути подоцна, Матавж се најде во одлична шанса по кардиналната грешка на Демири, словенечкиот напаѓач го мина и Богатинов, а во последен момент повторно Бобан Грнчаров исфрли во корнер.

Натпреварот влезе во последните десетина минути, двете селекции вложија завршни напори за добар резултат, а на крајот Македонија оствари триумф со 3:2.

- Реклама -