Македонија се пласира во Б-дивизијата во Лигата на нации

Македонската фудбалска репрезентација ја совлада вечерва Ерменија во Ереван со 2-0 (0-0) и со трите бодови го обезбеди првото место во групата Ц4 и пласманот во Б-дивизијата во Лигата на нации од следната сезона.

Победата, трета во серија за избраниците на селекторот Благоја Милески, ја навести Бојан Миовски со прекрасен гол во 72. минута, а ја потврди Исник Алими во 85. минута.

Македонија уште на самиот почеток на дуелот на стадионот „Варгзен Саргсјан“ ја затресе противничката мрежа, но голот на Никола Серафимов беше поништен од ВАР-собата поради милиметарски офсајд.

Ерменија во продолжението доминираше на теренот, но не реализираше неколку идеални шанси за гол.

Фото: МИА

Македонија воспостави контрола врз играта на средина на вториот дел, а откако Дарко Велковски пропушти идеална шанса за гол по слободниот удар на Енис Барди во 70 минута, Миовски набрзо донесе водство, а Алими стави печат на победата.

Македонската репрезентација води на табелата со 10 бодови од четири натпревари, пред Ерменија со четири бодови. Летонија е третопласирана со три, а Фарските Острови се на последното место со два бодови пред нивниот меѓусебен дуел вечерва од 20:45 часот.

Двата завршни дуели во рамки на групата Ц4 избраниците на селекторот Благоја Милевски ќе ги одиграат идниот месец во Скопје, против Летонија на 14 и против Фарски Острови на 17 ноември.

- Реклама -