Вкупно 105 руски дипломати од мисии во држави од Европската унија како и од САД, Канада, Украина ќе бидат протерани во одговор на труењето на двојниот шпион Сергеј Скрипал на 4 март во Солисбери во Британија.
Руското Министерство за надворешни работи денеска оцени дека протерувањето на руски дипломати од западните држави е „непријателски чекор“ и најави дека тие на тоа ќе реагираат. Русија остро протестира против протерувањето дипломати од голем број членки на ЕУ и на НАТО.
Сепак, острата реакција не ја спречува Македонија да го направи истото. Како што објави македонското МНР, „во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“, одлучило да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија заради случајот Скрипал, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
„Користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се наведува во соопштението на МНР.