Скопје, 21 октомври 2021 (МИА) – Министерството за здравство соопшти дека ќе набави „Молнупиравир“, единствениот лек против Ковид-19.
Од Министерството посочуваат дека проактивно стапиле во контакт со производителот на лекот, компанијата МСД, и за кратко време ќе започнат преговорите за негова набавка. Лекот „Молонупиравир“ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на Ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 отсто, информираат од Министерството.
Лекот и вакцината против Ковид-19 не може да се споредуваат. Вакцините против коронавирусот спречуваат тешка форма на болеста, компликации при хоспитализација или смртен исход. Вирусот Ковид-19 брзо мутира и најголема ефикасност даваат вакцините, а целта е постигање на колективен имунитет, како би се заштитиле од новите соеви на SarsCoV2, информираат од Министерството.