Македонија, како и секоја земја, има една национална академија, реагира МАНУ и апелира да не биде вовлечена во партиски дискусии

Во Македонија, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии, велат од МАНУ по најавата на коалицијата „Вреди“ за формирање „Албанска академија на науки и уметности“ што предизвика бурни реакции

Седиштето на МАНУ / фото: архива

Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска попладне апелираше оваа институција да не се вовлекува во дневнополитички и партиски дискусии.

Ваквата реакција на МАНУ доаѓа по најавите за формирање албанска академија на науки и уметности во Македонија што предизвика бурни реакции од политички партии, институции и поединци.

Од МАНУ потенцираат дека во Македонија, како и во секоја земја, постои една национална академија.

„За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Од нејзиното основање до денес, во Академијата членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретседатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав. На крај, напоменуваме дека во Македонија, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Претседателството апелира МАНУ да не се вовлекува во дневнополитички расправи и партиски дискусии кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, а спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и државните институции“,

соопштија од МАНУ.

Оттаму посочуваат дека МАНУ отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност.

„МАНУ е формирана во 1967 година како највисока научна и уметничка институција во Република Македонија, во рамките на тогашната Југословенска федерација, со матична комисија составена од претседатели, потпретседатели и членови на најстарите академии во Југославија. При тоа, првиот состав на академици е избран согласно највисоките универзални научни и уметнички стандарди и критериуми. Денес МАНУ претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, која со децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, творештво и советодавна улога, претставува столб во градењето и зачувувањето на идентитетот и државноста на македонскиот народ и деловите од другите народи кои живеат во земјата“,

велат од МАНУ.

Лидерите на коалицијата „Вреди“, која е дел од власта, викендов од Тетово најавија дека ќе се обезбеди општинско финансирање на здружението „Албанска академија на науките и уметностите“. Општинското финансирање, како што порачаа од „Вреди“, треба да биде привремено решение, а ќе бараат академијата да ја финансира државата од буџетот.

Реакции стигнаа од владините коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, од каде што порачаа дека МАНУ е единствената институција во државата и дека не смее да се прави паралелизам.

Идејата на „Вреди“ не наиде на поддршка ниту од опозициската СДСМ, а според ДУИ намерата за формирање „Албанска академија на науките и уметностите“ е идеја која ги понижува Албанците бидејќи „Вреди“ требало да го преземе управувањето со (МАНУ), а не како што велат, да дојдат до „големата општинска идеја“.

- Реклама -