На денешен ден, 11 октомври, пред точно 78 години, беше означен почетокот на антифашистичкото востание во Македонија. Со нападот на бугарската полициската станица Участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, 16 партизани, распределени во три групи, ја започнаа борбата за ослободување од бугарскиот, италијанскиот и германскиот окупатор. Следниот ден, на 12 октомври, народноослободителната борба се прошири и во Куманово, каде во областа Студена вода бил формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот одред.
Со тоа, Македонија стана дел од антифашистичката коалиција, а во текот на четиригодишната борба, од првите партизански одреди Народноослободителната војска на Македонија ќе прерасне во добро организирана 110-илјадна армија со воени формации од највисок ранг.
Со спектакуларен огномет, импровизиран напад на Участакот и реконструкција на случувањата од пред 78 години, Прилеп синоќа го започна одбележувањето на празникот.
Во 1941 година, околу 8.000 од вкупно околу 25.000 жители на Прилеп учествувале во НОБ, односно речиси секој трет. Од 2.700 биле директни учесници, со пушка во рака. Од 66 народни херои во Македонија, 15 се од Прилеп. За време на НОБ зaгинaлe 650 прилепчани, па токму затоа во 1975 година Прилеп е прогласен за град херој.
„На овој ден пред 78 години, во Прилеп одекнаа слободарските пушки и востаничките иcтpeли. Храбрите партизани ја започнаа борбата за социјална правда и слобода, испишувајќи го овој светол датум во историјата, вграден во македонската државотворност. 11-ти Октомври е симбол на непокорот, пркосот, храброста, гордоста и достоинството, стремежот за слобода не само на прилепчани, туку на сите граѓани на нашата земја. Затоа и денеска се сеќаваме на делото на хероите, им оддаваме почит и се поклонуваме пред нивната жртва. Животите на 15 народни херои и 650 борци од Прилеп се вградени во денешната слобода, затоа и нашиот град го носи епитетот Град Херој – Првоборец“, изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.
Прилепчани се горди на својот град и на 11 октомври и порачуваат дека никогаш не смее да се заборави, под никакви околности и по никоја цена.