Македонија со скок од 10 места на Глобалниот индекс на мирот (видео)

Глобалниот индекс на мир е ранг-листа на светските нации, според 23 различни индикатори, вклучувајќи ги внатрешната стабилност, односот со соседите, сигурноста на граѓаните, итн. Во однос на 2011, Македонија годинава бележи скок од 10 места.

За првпат, се бележи тренд на глобално подобрување на условите во сите 158 рангирани земји. Првите три нации на листата останаа непроменети: Исланд, Данска и Нов Зеланд. Новината е влегувањето на Канада во топ 5, како и Швајцарија во првите 10.

На дното на листата и натаму е закована Сомалија, во која владее општо беззаконие. Благ пад бележат земјите од Арапскиот Полуостров и Северна Африка поради бранот револуции што го зафати овој дел од светот, а од Европските земји значителен пад бележи Норвешка – од 9. на 18. место, што се должи на терористичкиот напад што се случи во оваа земја.

{youtube}qbslsABmmXc{/youtube}

Македонија оваа година бележи скок за 10 места на листата, т.е. од 78. сега се наоѓа на 68. Откако се прави оваа ранг листа на најмирни држави во светот, нашата земја бележеше благо, но постепено опаѓање на индексот на мирот – почнувајќи од 82. место во 2007, за да стигне до 88. место пред 3 години. Но, од таа точка наваму, се бележи искачување на листата, прво на 84., потоа на 78., за денес да се најдеме на највисокото до сега 68. место.

Интересно, Грција моментално се наоѓа на 77. место или 9 места зад Македонија, што претставува пад од 12 места во однос на минатата година или дури 33 места од почетокот на рангирањето во 2007. [Global peace index 2012: the full list]

- Реклама -