Македонија ги отвори границите, но за македонските државјани останува задолжителниот ПЦР тест (освен за во Косово)

Иако Македонија од денеска овозможи непречен влез на странските државјани од Србија, Косово, Црна Гора и БиХ, како дел од регионален проект и по претходна координација со министерствата за здравство од регионот, тоа нема да важи реципрочно и за македонските државјани, како што беше најавувано.

Како што информираа од Владата доцна синоќа, на македонските државјани повторно ќе им е неопходен негативен ПЦР тест не постар од 48 часа за да патуваат во овие земји, со исклучок на Косово, а причината, како што велат, е влошувањето на состојбата со КОВИД-19 пандемијата во регионот и големиот број на нови позитивни случаи.

Иако можноста за влез на македонски државјани во Косово без ПЦР тест останува, од Владата апелираат граѓаните да не патуваат надвор од земјата доколку немаат неодложна потреба за тоа.

Во текот на следните денови и македонската Влада и здравствени власти, согласно новонастанатата епидемилошка состојба во регионот, ќе ја ревидираат одлуката за влез на државјани на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина во Северна Македонија, без ПЦР тест, додаваат од Владата.

 

- Реклама -