И македонче би на точак, ама…

Пристоен градски велосипед чини отприлика помалку од една минимална македонска плата. Отприлика толку те чини и годишна автобуска карта. Но, помислете на задоволството од тоа веќе да не зависите од градскиот јавен транспорт – непроценливо е.

Не станува збор само за заштедата во однос на трошоците, особено во споредба со користењето на автомобил, туку и за слободата да се движиш доволно брзо и автономно, сам да избереш кога ќе тргнеш и кога ќе стигнеш на работа, сам да решиш од каде ќе заобиколиш и каде да свратиш на враќање кон дома.

И сето ова – без да креваш прав, без да правиш бучава или да загадуваш, без да висиш по автобуски стасници, без да мислиш на место за паркирање или цена на паркинг, без страв од пајаци, без да се замараш за цената на дизелот и без чувството дека придонесуваш во глобалното загревање.

Една прошетка во Скопје е доволна да се увериш дека во моментов велосипедистите се незначително малцинство во градот. Малцинство бидејќи автомобилите и накрцаните патници во автобусите се далеку побројни. Незначително затоа што ја немаат таа моќ да издејствуваат значителна промена по пат на протестирање пред Влада или Собрание, како што тоа би можеле да го направат таксистите, на пример, или уште подобро, возачите со своите автомобили (кога би се собрале на протест од X причини).

Но, како и сите други граѓани, и велосипедистите плаќаат даноци, и тие ја издржуваат администрацијата, и тие учествуваат во набавката на нови автобуси. Притоа, „штетата“ која ја нанесуваат на инфраструктурата е рамна на нула. Оттаму, како и сите други граѓани, и тие имаат право да очекуваат основни услови за безбедност.

Велосипедските ленти и патеки не се (барем не треба да бидат) лукзус и привилегија, особено додека сé уште има учесници во сообраќајот на патот за кои правила и казни како да не постојат (има такви и кај велосипедистите, не дека не). Не е привилегија ни да живееш во град кој од понеделник до сабота изгледа како џиновски полулегален паркинг за автомобили за секаква употреба, меѓу кои и такви кои последен пат биле произведени во 90-тите, а денес чинат колку два велосипеда.

Идеалното решение не е да ги офарбаме сите улици со црвена лента и да ги избегнеме сите можни точки на конфликт меѓу автомобилите и велосипедите. Впрочем, тоа е невозможно. Решението е едноставно возачите да почнат да се однесуваат со исто внимание и почит кон велосипедите на патот како и кон секое друго превозно средство.

Истото важи и за пешаците.

Во превод, тоа значи да им го пресекуваат движењето, да не ги притискаат на помалку од 50 сантиметри до тротоарот, да не им ги тенчат нервите со автомобилските свирки, да не им се дерат и закануваат на семафори, да не ги претекнуваат само за да им паркираат на метар од предната гума, и да им даваат предност, особено кога сообраќајните знаци го наложуваат тоа.

Штосот е што просечниот велосипедист нема којзнае каква неопходна потреба од тоа да вози по лента ограничена со гумени прегради, бетонски столбови или шпалири. Уште помалку им требаат 500-метарски улици со специјален режим на движење, како тоа да е единственото решение.

За велосипедистот не е проблем автомобилскиот сообраќај на булевар по кој во пракса просечната брзина на движење е 30км/ч поради пешачките премини, раскрсниците и семафорите. Велосипедистите одамна возат покрај тротоарите и без да е тоа сметано за некаков херојски чин.

Проблемот се паркираните џипови и комбиња за достава со вклучени четири жмигавци, вировите и оштетениот/ископаниот асфалт, извадените канализациони шахти, ѓубрето што претекува од контејнерите… Велосипедските патеки не елиминираат директно ниту еден од овие проблеми, дури и ги игнорираат.

Ползите од тоа да има систематско и видливо предимство за велосипедистите се ем директни, ем големи. Вистината е дека и сега многу луѓе би сакале да користат велосипед како главно превозно средство, но не им претставуваат проблем временските услови (за дожд има кабаници, за гумите има браници, а и во зима не е воопшто ладно кога возиш), туку небезбедноста на патот. Само со промена во свеста и културата на учесниците во сообраќајот ќе се разбие митот дека возењето точак во Скопје (пред сé) е страшно, опасно, скапо, непрактично или најсмешно од сé – непрестижно. Во реалноста, со малку повеќе сообраќајна култура, на улиците може да има место за сите.

И не, не дека само во Данска (горе на сликата е Копенхаген) и Холандија масовно се вози точак. Во последниве години напори прават речиси сите поголеми градови, а меѓу најуспешните примери е и Виена:

 

 

- Реклама -