Мајмунското селфи што го доведе фотографот на раб на банкрот

Фотографот Дејвид Слејтер, кој го објави познатото селфи од мајмун, ги троши последните сили во судската битка против тужбата покрената од здружението за права на животните – PETA. Во тужбата, PETA тврди дека авторските права му припаѓаат на крзнестото макаки Наруту – мајмунот кој наводно е на сликата.

Слејтер веќе со години се бори да обезбеди авторски права на фотографијата, а најскорото рочиште (во средата) го следеше преку интернет бидејќи не можеше да си дозволи авионска карта до Сан Франциско за да присуствува лично. Вели дека нема доволно пари ниту да ја замени оштетената фотографска опрема, ниту пак да го плати адвокатот кој го претставува уште од самиот почеток на процесот во 2015-та година.

Приказната околу спорното селфи почнува во 2011-та година, кога Слејтер бил во Индонезија и фотографирал група мајмуни. Тој тврди дека фотографиите се настанати благодарение на неговата досетливост околу начинот како да ги натера мајмуните да го притиснат копчето на камерата додека гледаат директно во објективот.

„Тоа однесување на мајмуните не е случајно. Бараше доста знаење од моја страна, многу трпение, пот и мака“, изјави Слејтер.

Фотографијата, пак, брзо стана популарна и заработи неколку илјади фунти, со кои беа покриени трошоците за патувањето во Индонезија. Но, кога во 2014-та Слејтер побара од „Techdirt“ и „Wikipedija“ да престанат да ја користат неговата фотографија без дозвола, тие го одбија барањето со образложение дека оригиналниот креатор е мајмунот. И така, мајмунското селфи прерасна во спор околу авторски права.

Дејвид Слејтер, ПРЕД.

Првично, Американската канцеларија за авторски права донесе одлука дека животните не можат да имаат авторски права. На тоа, во 2015-та година, следеше тужба од страна на PETA. Во тужбата мајмунот е идентификуван како шестгодишниот мажјак макаки Наруту, а и како носител на авторските права. Следната година, судот донесе одлука против PETA, со истото образложение – дека животните не можат да бидат сопственици на авторски права. PETA, меѓутоа, поднесе жалба, која директно е и причината за последното рочиште во средата.

Меѓу спорните прашања кои се разгледуваат е и тоа дали PETA има доволно близок однос со Наруту за да го претставува на суд. Или дали треба да им се прати писмено известување на групата мајмуни. Или дали на Наруту му е нанесена штета што не е признат како сопственик на авторските права…

Судијата Ренди Смит е на ставот дека во случајот нема начин мајмунот да стекне или задржи пари, ниту да ја изгуби репутацијата. Истакнува дека не постојат ни било какви валидни тврдења дека авторските права би можеле некако да му користат на макакито.

Друг судија – Карлос Беа, во една од фазите на процесот го разгледуваше и прашањето како авторските права би се пренеле на потомството на авторот. „Во светот на Наруту, постои ли легитимност и нелегитимност? Дали потомците на Наруту се ‘деца’ во смисла на судската дефиниција на терминот?“, прашуваше Беа.

Слејтер, во меѓувреме, не може да се начуди на иронијата, особено со оглед што целиот спор околу селфито сериозно му отежнува да се грижи за својата сопствена седумгодишна ќерка. Но тоа не е најсмешното/најтрагичното.

„Со сигурност знам дека мајмунот на фотографијата е женка, и дека (PETA) ѝ ја имаат згрешено возраста. Запрепастен сум од американското судство. Кога веќе сме до тука, зарем не е важно барем да ме тужи вистинскиот мајмун?“, прашува Слејтер.

Дејвид Слејтер, ПОТОА.

На крајот, тоа е што е; Слејтер е на раб на банкрот и си бара друга професија од која би можел да заработува и да се грижи за ќерка си. Својата незавидна положба ја сподели и со The Guardian.

„Се обидувам да станам тениски тренер. Размислувам дури и да шетам кучиња. Не заработувам доволно ни да си ги платам даноците. Ми иде сé да баталам“.

И со право. Дури и Кафка би се поклонил пред апсурдноста на целава ситуација.

 

- Реклама -