Мајката и сестрата на Мараја Кери починаа истиот ден, пејачката скршена


Maјката и сестрата на поп-ѕвездата Мараја Кери починаа во „трагичен сплет на настани“, објави пејачката скршена од тага. Мајката Патриша и сестрата Алисон починале истиот ден, а причините за смртта сѐ уште не се познати.

„Моето срце е скршено затоа што минатиот викенд ја изгубив мајка ми. За жал, во трагичен сплет на настаните, мојата сестра го загуби животот истиот ден“, рече пејачката во изјава за новинската агенција PA.

„Се чувствувам благословено што можев да ја поминам последната седмица со мајка ми пред таа да почине. Ја ценам љубовта и поддршката од сите и почитувањето на мојата приватност во овој неверојатно тежок период“, додаде Кери.

Нејзината мајка Патриша и таткото Алфред се разделиле кога таа имала три години. Нејзиниот татко починал во 2002 година на 72-годишна возраст.

Во своите мемоари од 2020 година „The Meaning Of Mariah Carey“, пејачката се отвори за „комплексниот“ однос што го имала со нејзината мајка. Во 2010 година, таа го сними свечениот дует „O Come All You Faithful“ и „Hallelujah Chorus“ со нејзината мајка, школувана оперска пејачка.

Мемоароте делумно ѝ го посветен токму на неа.

„И на Пет, мајка ми, којашто, верувам, низ сето она низ кое помина, навистина го направи најдоброто што можеше. Ќе те сакам најдобро што можам, секогаш“, напиша пејачката.

Нејзиниот однос со нејзината сестра сепак бил многу покомплициран. Во своите мемоари таа напиша дека е „емоционално и физички побезбедно да не биде во контакт“ со Алисон или со нејзиниот брат Морган.

- Реклама -