Леброн Џејмс делува решено да стигне до својот прв шампионски трофеј во кариерата, откако ги предводеше Мајами до нов триумф над Бостон.
Седмиот натпревар од финалето на Истокот заврши со резултат 101:88, со што „Жешките“ ја добија оваа плејоф серија со 4:3 и обезбедија учество во големото финале. Со самото тоа, „кралот“ Џејмс ја прекина сопствената серија од загубени клучни натпревари, ако се знае дека во последните два меча во коишто тој играше мајсторка (во дресот на Кливленд), неговиот тим беше поразуван.
„Не размислував премногу за минатото, бев фокусиран само на тоа како да му помогнам на мојот тим да победи. Тоа беше единственото важно нешто на овој меч и пресреќен сум што ја реализиравме зацртаната цел. Сепак, немаме премногу време за славење бидејќи мораме да почнеме да се подготвуваме за Оклахома Сити“ изјави Џејмс, кој повторно беше „прва виолина“ на Мајами со 31 поен и 12 скокови.
{youtube}1XU4cDVTRZk{/youtube}
Мајами клучната предност ја направи во последната четвртина, период од мечот што „Жешките“ го добија со 28:15, a сите поени за домашниот состав ги постигна клучното трио Џејмс – Вејд – Бош. Двејн Вејд реализираше 23 поени, Бош беше стрелец на 19 поени за Мајами, што беше сосема доволно за триумф над Бостон, без оглед на фактот што сите пет стартери на гостинскиот тим имаа двоцифрен ефект на овој натпревар.
Објавено во соработка со Екипа.