Мајами на чекор до титулата (видео)

Леброн Џејмс се наоѓа на чекор до остварување на сонот и закитување со првата шампионска титула во својата кариера откако синоќа го предводеше составот на Мајами хит до триумф од 104-98 над Оклахома Сити Тандер.

Ова е трета победа во серија за Мајами со што „жешките“ имаат предност од 3-1 во финалето и сега им недостига само еден единствен триумф за да ја оправдаат улогата на фаворит и да се закитат со толку посакуваниот трофеј.  Леброн Џејмс уште еднаш покажа дека е цврсто решен да не ги повтори грешките од минатото и да стигне до трофејот што му недостига.

Откако Леброн излезе од игра поради грчеви во четвртата четвртина, составот на Оклахома влезе во серија и стигна до минимална предност. Тоа беше знак „кралот Џејмс“ да стисне заби и да се врати во игра, да направи целосен пресврт и да му ја донесе на Мајами најновата победа. Тој на три минути до крајот прво погоди тројка за израмнување на 94-94 по што реализираше уште три поени за предност од 97-94, позитива што Мајами ја задржа и ја зголеми до самиот финиш.

{youtube}2aDPBSEuPTQ{/youtube}

„Се уште чувствував грчеви во ногата и не можев да се движам најдобро. Сепак, знаев дека морам да влезам на терен и да помогнам да стигнеме до триумф. Мило ми е што помогнав тоа да се случи“ изјави Леброн. Токму Џејмс со 26 поени беше најпрецизен во таборот на Мајами, постигнувајќи еден повеќе од Двејн Вејд и од Марио Чалмерс, кој ги изненади противниците со одлична игра и рекордни за него 25 поени во ова финале.

Во таборот на Оклахома сити импресивен беше Расел Вестбрук, кој го заврши натпреварот со 43 поени, 7 скокови и 5 асистенции, но и тоа не беше доволно за тандер да стигне до „брејк“ на гостински терен.

- Реклама -