Мајами хит успеа да дојде до „брејк“ во финалната серија од НБА лигата, откако синоќа славеше со 96:100 на гостувањето против Оклахома Сити и израмни на 1:1 во победи.
„Жешките“ повторно влегоа во последната четвртина со двоцифрена предност и повторно му дозволија на противникот да се врати, за мечот да влезе во неизвесен финиш. Сепак, овојпат ѕвездите на Мајами беа на потребното ниво во клучните моменти од мечот, ги погодија најважните шутеви и се погрижија на Флорида да не се вратат со негатива од 2:0.
„Ние сме премногу добар тим за да губиме со 2:0 од кој било противник. Играме добро на гостински терен, не ни пречи притисокот од трибините, како што покажавме со оваа одлична партија“ изјави Леброн Џејмс.
{youtube}jDib8M5O-dc{/youtube}
Леброн беше најпрецизен во таборот на Мајами со 32 поени, а одлична помош доби и од Двејн Вејд (24 поени), Шејн Батие (17 поени), Крис Бош (16 поени и 15 скокови). Кевин Дурент постигна 32 поени за Оклахома Сити, но најдобриот кошаркар на домаќините го промаши клучниот шут на десетина секунди до крајот со којшто можеше да го израмни резултатот на 98-98. Сепак, Дурент причината за поразот не ја гледа во овој шут, туку во очајниот старт на мечот на неговиот тим.
„Ова е НБА-финале, не може да си дозволите да го почнете мечот со серија од 2:18 и потоа цел натпревар да ја бркате негативата. Игравме на домашен терен и моравме да бидеме пофокусирани од стартот“ истакна Дурент.
Објавено во соработка со Екипа.