Махатма Ганди – расист и женомразец

gandi

Го знаеме како едно слабо, благо, неухрането, старо човече со побожна душа и морал чист како солза. Кој не го сака (Мохандас Карамчанд) Ганди? Тој е човекот што го предводеше ненасилниот отпор во Индија, земјата на која и помогна да се извлече од оковите на британската империја. Човекот преживеа неколку храбри штрајкови со глад, за на крај да биде убиен со огнено оружје од страна на хинду националистите, со што несомнено го претворија во свет маченик.

Мајук Сен е, може да се рече, жена од поблиското опкружување на Ганди. Нејзината баба била затворена со Ганди во 1933-тата, па семејството на Сен, како и таа самата, имале увид и во некои поинтимни детали од неговиот живот, чија природа варира од пофални, па до такви подложни на остра критика. Сеедно, нејзиното семејство го обожавало, макар што никогаш не прифатиле дека тој потполно сам го осмислил и водел отпорот за независност на Индија. Таквото тврдење е безмалку спротивно на „затуцаноста“ на Ганди, за која често се зборувало во домот на Мајук.

Во суштина, во неколкуте децении по атентатот од 1948-та во кој тој е убиен, имиџот на Ганди е толку внимателно граден и „исполиран“ од негативни детали, што никој не зборува за тоа дека неговата реторика е базирана на расизам, жесток анимозитет кон женската сексуалност и вкоренета неспремност да го помогне ослободувањето на Далитите т.е. кастата на „недостојните“ и изоставените.

Живеел во Јужна Африка повеќе од две децении, од 1893-тата до 1914-тата, каде работел како адвокат и се борел за правата на Индијците. Но, само за Индијците. И самиот отворено зборувал дека за него, црните Јужноафриканци едвај се квалификувале како човечки суштества. За нив Ганди го користел погрдниот јужноафрикански израз „кафир“. Често се лутел и протестирал против тоа што Индијците се сметаат себе си за „малку подобри“ или „рамноправни“ со „дивјаците“ и домородците на Африка. „Белата раса треба да преовладува во Јужна Африка“, изјавил во 1903-тата. Кога бил затворен во 1908-та, го презирал фактот што Индијците биле сместувани со црни, а не со бели затвореници. Неколку јужноафрикански активисти го имаат овековечено ова негово тврдење во форма на две книги напишани од двајца јужноафрикански академици, кои беа објавени во септември, но очигледно е дека нивниот ефект врз генералната свест кон животот на Ганди е речиси незабележлив.

Ганди, во Јужна Африка.
Ганди, во Јужна Африка.

Како и да е; некаде во тоа време, Ганди почнал и да ја негува мизогинијата, која ќе му остане до крајот на животот. Во текот на годините поминати во Јужна Африка, Ганди еднаш „решил“ еден случај во кој некол младич сексуално злоставувал две Гандиеви следбенички така што ги ошишал кратко, на сила, за да ја отстрани секоја можност да привлечат било какво сексуално внимание. Како што пишува Мајкл Конелан во „Гардијан“, Ганди верувал дека во моментот кога некој маж ги силува, жените ја предаваат својата сопствена човечност. Размислувал во контекст на тоа дека мажите не можат да ги контролираат своите основни нагони на грабливци и дека жените се целосно одговорни за тие импулси, а и оставени на милост и немилост на истите. Гандиевиот поглед на женската сексуалност е достојна за осуда: според книгата на Рита Банерџи – „Секс и моќ“, Ганди сметал дека менструацијата е “манифестација на изопачување на женската душа од страна на нејзината сексуалност“. Исто така сметал дека користењето контрацепција е знак на промискуитет.

Зарекувањето на целибат значело и директен обид на Ганди да се соочи со таквата своја неспособност да го контролира машкото либидо. За таа цел користел жени, меѓу нив и малолетнички, како неговите внуки, за да го тестира своето сексуално трпение. Спиел гол покрај нив во креветот и не ги допирал, водејќи сметка да не се возбуди. На некој начин, овие жени му биле помошни реквизити „за да вежба целибат“.

Една од најискористените „вреќи за боксирање“ му била неговата жена Кастурба, за која Ганди при еден излив на бес (кога таа го негувала додека бил болен) има речено: „Просто не можам да поднесам да ја гледам Ба во очи. Изразот на нејзиното лице често е ист со оној на кротката крава, кој кај човек буди чувство, како што е тоа понекогаш случај со кравите, дека на свој глуп начин нешто ти зборува“. Некои велат дека ова било комплимент, со оглед на тоа што кравата се смета за свето животно во Индија, или пак за обична брачна расправија. Сепак, кога Кастурба добила пневмонија, Ганди не дозволувал да и дадат пеницилин, под изговор дека пеницилинот (тогаш нов лек) е страна супстанца што нејзиното тело не треба да ја прими. Инсистирањата на лекарите дека лекот ќе и помогне биле залудни. Кастурба подлегнала на болеста и во 1944-та, починала. Пар години подоцна, веројатно сфаќајќи дека направил сериозна грешка, Ганди доброволно користел кинин за да се излечи себе си од маларија. Преживеал.

Денес, исто така, важи сликата дека Ганди е тивок истребувач на кастите, т.е. дека верувал во рамноправност на луѓето. Тоа не е точно. Во случајот со Далитите, Ганди сметал дека нивната еманципација е недостижна цел и верувал дека не заслужуваат право на глас. Напротив, инсистирал дека Далитите треба да останат отсечени и занемарени и да ја почекаат историјата да им го донесе потребниот пресврт. Тоа никогаш не се случило, а Далитите и ден денес страдаат од директните последици на предрасудите длабоко проткаени во културната душа на Индија.

„Историјата беше премногу фина кон Ганди“, пишува Арундати Рој во есејот „Доктор и светец“. Според него, тоа ни даде слобода да ги отфрлиме Гандиевите предрасуди како мали несовршености, како мали темни дамки на инаку пречистите раце. Едни ќе инсистират дека Ганди имал маани, како и секој човек. Може и ќе ги прикажат како нешто позитивно, доказ дека е ист како и сите ние! Други ќе го обвинат Западот дека треба да си ја гледа тезгата и да олабави со лажниот интерес за проблемите во Индија, како да ќе направи нешто за да ги реши.

Сите овие примери се ментални гимнастики што водат кон идолизирање и создавање на митови. Реалноста е дека предрасудите на Ганди и денес нашироко постојат во индиското општество, во форма на отровен расизам кон црнците, прикриено непочитување на женското тело и понижувачки однос кон Далитите. Не случајно овие делови од реториката на Ганди се некако заташкани.

Таков бесмислен надимак како „најголемиот _______ (пополни по избор) во историјата“ е претежок за било кој да го носи на плеќите, особено кога е во прашање Индија – земја која е родно место и дом на милијарди луѓе, а создавањето на идоли бара голема доза на склероза. Лесно е да се велича човек кој никогаш во суштина и не постоел, било тоа била нашата замисла за Ганди или било кој друг.

- Реклама -