Мачката од 20 милиони долари

4286644767_4a816d3375_b-1024x676[1]

Едно од децата на паранојата на Студената војна е и тајната операција на ЦИА, наречена „Акустична мачка“ (англ. Acoustic Kitty). За овој проект јавноста дозна дури во 2001 година, кога на документите, врз основа на Законот за достапност на информации, им е тргната ознаката „доверливо“.

Акустичната мачка звучи како некаков робот, ама не е – тоа е само наизглед една обична мачка, но со вградени два микрофона во шепите и антена долж ‘рбетот. Во екот на Студената војна, Русите и Американците се обидуваа да соберат што повеќе доверливи информации на секакви можни начини. Акустичната мачка е само последната во низата од секаква опрема за прислушкување, шпионски сателити, па дури и гатачи и гледачи, хипноза и различни халуциногени дроги (најмногу ЛСД), ама идејава на ЦИА од 1960-тите дефинитивно е една од пооригиналните, во секоја смисла.

Одамна веќе беше познато дека затворените простори не се безбедни за строго поверливи разговори, бидејќи често беа „покриени“ со опрема за прислушкување. Од таа причина, советските официјални лица често се одлучуваа разговорите да ги водат далеку од очите и ушите на јавноста, на отворен простор, најчесто во парк. Тоа им создаваше многу главоболки на американските разузнавачки служби.

8ec922966c[1]

Проектот Акустична мачка нудеше решение за овие маки. Мачките се чинеа како идеални оперативци за ваков тип на акции, бидејќи, кој би се посомневал во мачка што се мота во парк?

Штета за ЦИА што мачките се родени како своеглави и нескротливи створови што воопшто не е лесно да ги тренираш, дури и кога се во прашање едноставни задачи. Колку што не ги слушаат сопствениците, толку не ги слушале ни агентите на ЦИА.

Мачката од 20 милиони долари

Проектот акустична и тренирана мачка ги чинеше САД дури 20 милиони долари – тогаш вредни многу повеќе од 20 денешни милиони. Траеше година дена, под надзор на Дирекцијата за истражување и нови технологии. Оваа служба на Циа беше основана кон крајот на педесеттите години на минатиот век, со една единствена цел: развивање на нови и употреба на постоечките технологии за потребите на Студената војна. Во склоп на оваа иновативна акција беа развиени доволно мали микрофони кои можеа незабележливо да бидат вметнати во ушната школка на мачките, како и мини радио-предавател вграден во задниот дел на мачкиниот череп. Идејата била мачката, тренирана да се движи по наредба на кратки растојанија, да прислушкува не само на отворено, туку и во близина на советските амбасади и другите локации од интерес.

Spy-cat-1[1]

Освен микрофонот и радио-предавателот, мачката под кожата криела и вид на антена, која собраниот сигнал го праќала кон приемникот. Исто така, во мачката имало и вграден систем од жици, кој служел за надзор на центарот за глад и сексуалната активност, со цел да ги спречи или намали на минимум овие нагони ако се појават во текот на шпионска операција. Сите овие жици се вградени преку посебен хируршки зафат, по кој, по прелиминарните тестови, се покажува дека мачките не се пресреќни кога стомакот им е полн со државна безбедност. За среќа (на ЦИА), жиците можеле да спроведуваат и благи електрични импулси до одредени центри мозочни центри, па мачката колку-толку била држена под контрола.

По повеќе од една година работа, со помош од голем број експерти вклучени во реализацијата на проектот, дојде време за генерална проба. Едно неделно утро во 1967, во специјално опремено комбе на Авенијата Висконсин во Вашингтон седеа неколку оперативци на ЦИА. Чекаа двајца советски претставници да седнат на клупа во блискиот парк, а тие за прв пат во реални услови да ја тестираат акустичната мачка. Пред да ја пуштат од комбето, направија финални тестови на опремата: сé работеше како што треба, а сигналот беше добар. Акцијата доби зелено светло.

Само неколку секунди по пуштањето на мачката од комбето, операцијата заврши со неуспех. Ја згази такси и ја усмрти на лице место. Повеќе од една година работа, куп нерви и 20 милиони долари отидоа во неповрат. Операцијата акустична мачка е запрена и целосно напуштена, потонувајќи во заборав сé до 2001-ва, кога беа обелоденети документите. Во меѓувреме, којзнае, може пар модерни акустични мачки ни ги прават проблемите во државава (океј, не).

- Реклама -