МААЕ: Иран повторно збогатува ураниум до ниво потребно за нуклеарно оружје

Иранските власти ја сменија својата политика од последните неколку месеци и продолжија да збогатуваат ураниум до нивоа од 60 отсто, односно блиску до степенот што се смета за доволно да се произведе оружје,соопшти денеска Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Британските медиуми пренесуваат дека Иран веќе има доволно ураниум збогатен до 60 отсто што, доколку продолжи со ова темпо на збогатување, наскоро ќе може да направи три атомски бомби.

„Иран го зголеми своето производство на високо збогатен ураниум, поништувајќи го претходното намалување на производството од средината на 2023 година“, се наведува во соопштението на МААЕ.

По политиката на забавување, инсталациите за збогатување на ураниумот во комплексот Натанц и фабриката Фордоу, сега го збогатуваат ураниумот до 60 проценти со брзина од околу три килограми месечно“, се наведува во соопштението.

Според МААЕ, околу 42 килограми ураниум збогатен до 60 проценти се доволни за да се почне со производство на нуклеарна бомба.

Прочитајте и:  Путин потпиша декрет дека нуклеарното оружје останува последната линија на одбраната

Инспекторите на МААЕ прво, на 25 ноември, забележаа промена во производството во фабриката во Фордоу, по што Иран соопшти дека промената е направена на 22 ноември и дека стапката на производство таму се враќа на нивото пред забавувањето, се додава во извештајот.

„Агенцијата потврдува дека од крајот на ноември 2023 година, стапката со која Иран произведува ураниум збогатен до 60 отсто во овие два капацитети заедно е зголемена на приближно девет килограми месечно“, се наведува во извештајот на МААЕ.

Иран негира дека работи на создавање нуклеарно оружје.

Многу дипломати веруваат дека забавувањето, што почна во јуни, е резултат на тајните преговори меѓу САД и Иран што доведоа до ослободување на американските граѓани од Иран на почетокот на оваа година.

МИА

- Реклама -