Лукас преминува во ПСЖ

Суперталентираниот бразилски фудбалер Лукас Моура во иднина ќе го носи дресот на ПСЖ, откако францускиот клуб излезе како победник од големата трка по членот на Сао Паоло.

Интер неодамна се откажа од намерата да го доведе овој фудбалер, но се чинеше дека Манчестер Јунајтед е голем фаворит во оваа трка и дека Лукас ќе биде еден од главните адути на Алекс Фергусон за следната натпреварувачка сезона.

Сепак, ситуацијата експресно се смени кога арапските милијардери на чело на Париз Сен Жермен решија да се вклучат во трката по Лукас, експресно постигнувајќи договор со челниците на Сао Паоло. Имено, додека „Ѓаволите“ долго време тактизираа и не се согласија на сумата од 35 милиони евра што ја бараше бразилскиот клуб, францускиот вицешампион експресно ги задоволи барањата на раководството на Сао Паоло, кое даде зелено светло за реализација на овој трансфер.

Според договорот на двата клуба, Лукас ќе остане член на Сао Паоло до крајот на оваа година, за во јануари 2013 и официјално да пристигне на „Паркот на принцовите“ и да биде суперзасилување за составот на Карло Анчелоти за вториот дел од натпреварувачката сезона.

- Реклама -