Лукас се сели на Олд Трафорд

Бразилскиот репрезентативец Лукас Мура ќе биде најголемото засилување на Манчестер Јунајтед за следната натпреварувачка сезона, откако „Црвените ѓаволи“ постигнаа договор со челниците на Сао Пауло за трансферот на овој фудбалски генијалец.

Ангажманот на Лукас веќе извесно време беше приоритет на „Црвените ѓаволи“, а Сер Алекс Фергусон им порача на клупските директори да сторат сè што е во нивна моќ за трансферот да биде комплетиран. Ферги е свесен дека недостигот од креативец во средниот ред може повторно да го чини трофеј, па откако не успеа во намерата да ги ангажира Азар или Модриќ, своето внимание целосно го насочи кон Бразилецот.

Англискиот весник „Мирор“ објави дека двата клуба конечно постигнале договор, откако „Црвените ѓаволи“ се согласиле да платат 26 милиони фунти за да го доведат бразилскиот играч за врска во своите редови. Раководството на Сао Пауло долго време инсистирало на оштета од 30 милиони фунти, но го смениле својот став откако „Ѓаволите“ се согласија во понудата од 26 милиони фунти да вклучат и клаузули за дополнителни уплати во зависност од освоените трофеи на Лукас на „Олд Трафорд“.

За очекување е трансферот да биде комплетиран во следните десетина дена, со оглед на фактот дека Лукас се наоѓа во Велика Британија, каде што со селекцијата на Бразил ќе настапи на Олимписките Игри во Лондон.

- Реклама -