Вилијам „Бил“ Милин е роден во 1922 година. Во историјата е познат како Пајпер Бил. Тој бил личниот гајдист на Сајмон Фрејзер – командант на Првата специјална сервисна бригада во инвазијата на Денот Д. Милин е лудиот Шкотланѓанец кој беше единствен кој на Нормандија се појави во шкотски килт и со гајда, вооружен само со традиционален шкотски нож.
Историски гледано, Шкотите и Ирците отсекогаш (условно речено) користеле „пајпери“ (пајпер, од pipes – гајда) во битките. Гајдаџиите се тие што оделе први во колоната и ги предводеле војниците. Во британската армија во Втората светска војна, сепак, гајдите беа под рестрикции – гајдаџијата мора да биде меѓу последните во колоната, најдалеку од непријателот.
Сајмон Фрејзер, меѓутоа, ги игнорирал овие наредби и му наредил на Милин, тогаш 21-годишен, да свири и да ги предводи. Кога Милин го потсетил на прописите, Фрејзер му одговорил: „Да, ама тоа се правила на Англиската воена канцеларија. Јас и ти сме и двајцата Шкоти, што значи дека тие правила не важат“.
И така Пајпер Бил, облечен во истиот килт што го носел татко му во Првата светска војна, без гаќи – според шкотската традиција (подоцна ќе рече дека студената вода му го одземала здивот, ама знаеме на што мислел), зачекорил рамо до рамо со првите борбени линии и ја рокнал гајдата на максимум.
Единицата на Фрејзер и Пајпер Бил требало да ги помине Сворд Бич (најисточната плажа на Нормандија) и мостот Пегасус, за потоа да се сретне со 2-рата падобранска дивизија која слетала неколку часа порано.
При поминувањето на мостот загинале 12 од командосите со кои Милин чекорел во првите борбени линии. Повеќето биле застрелани преку беретките, во главата, што алудира на снајперски оган. Милин, пак, поминал без гребнатина и продолжил да маршира и да свири, предводејќи ги останатите единици од командоси, овојпат со шлемови, до предвидената цел.
При нападот, помеѓу другите германски војници, биле заробени и снајперите. Милин имал прилика да поразговара со нив и да ги праша зошто не го убиле. „Мислевме дека си полудел“, му одговориле.
Милин починал од удар, во својата длабока старост, на 88-годишна возраст. По завршувањето на војната, Франција му додели Croix d’Honneur за храброст. Неговото учество во инвазијата е портретирано во филмот „The Longest Day“ од 1962 година. Во 2012-та канадскиот панк бенд The Real McKenzies сними песна со наслов „My Head Is Filled with Music“, посветена токму на Бил. Истото го направи и шведскиот метал-бенд Civil War, под наслов „The Mad Piper”. Во 2013-та, на Сворд Бич му изградија споменик.