Љубовното писмо на еден електраш

shortcircuitweb[1]

Љубов моја трифазна,

До овој момент, струјното коло на Животот целосно ми беше сведено на нула и заземјување, доживував трајни падови на напонот, живеев на една фаза. Всушност, јас не живеев, туку светев слабо како штедлива сијалица.

Но кога те видов за прв пат, ти ме растресе посилно и од струен удар. Во душата ми настана краток спој, се разлетаа емоционални искри како при електрично заварување, од кои се разгори огнот на Страста.

Во шемата на моето емоционално коло протече силна електромагнетна енергија, која така го зголеми интензитетот на телесното магнетно поле, што се почувствував незадржливо привлечен од тебе. Напонот на магнетното привлекување ги исклучи сите осигурачи – бушони на разумот, а моето тело стана жица без отпор за Љубовта.

Доживеав чувства посилни од турбина на хидро-електрична централа, почисти од фотоволтаичен проток, подлабоки од подводни киловолтни кабли, поинтимни и од светлина на ноќна ламба.

Чувства кои е невозможно да бидат сведени на нула, бидејќи нема доволно нули со кои да се изрази бесконечноста. Чувства кои е невозможно да бидат заземјени, бидејќи летот на Љубовта се одвојува од Земјината гравитација и достигнува до висините на највисоките далноводи.

Чувства кои е невозможно да се изразат со структурна, функционална или принципна електрична шема, бидејќи во Љубовта нема начин како однапред да се нацртаат и пресметаат сите вериги од активни и пасивни компоненти.

Чувства кои е невозможно да бидат спроведени низ кабел, бидејќи емоциите, иако невидливи како струјата, не можат да бидат ограничени во тесниот простор на едножилните, па дури ни многожилните проводници. Сите овие високоволтни чувства во мене се собрани слично на електрична енергија во трафостаница, од која се дистрибуира Љубов кон сите мои блиски и крајни потрошувачи.

Затоа сакам да ти се заблагодарам што ме исполни со таков силен набој, со таква силна светлина, што ме стопли, што ми го претвори монофазниот живот во многуфазен, во кој секоја фаза е поубава и посилна од претходната!

Многуамперно ваш: Акумулатор Петров

via Facebook

- Реклама -