ЉУБОВНИТЕ ПИСМА НА КОЧО РАЦИН ДО РАЦА ПРВПАТ НА ИЗЛОЖБА ВО НУБ

Триесет и едно љубовно писмо од Кочо Рацин до Рахилка Фирфова- Раца, неколку напишани со негова крв, вечерва (20 часот) за првпат јавно ќе бидат претставени во фоајето на Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Реткото изложување на љубовните писма од Коста Солев, основоположникот на современата македонска литература, кон неговата муза Раца, е дел од настанот „Ноќна романса за Кочо Рацин“ со кој се одбележуваат 110 години од неговото раѓање и 75 години од смртта.

Ќе се изложат сите 38 картички од Кочо Рацин, 31 посветени на Раца, а другите седум за неговите родители и пријатели (Фото: К. Попов)

Љубовните мисли и намери се напишани на дописни картички, разгледници од 1920-тите години, кои биле дел од цела серија насловена „Руска галерија“. Ќе се изложат сите 38 картички, 31 посветени на Раца, а другите седум за неговите родители и пријатели. Картичките, кои се сведоци на едностраната и платонска врска меѓу Кочо и Раца, се дел од Архивски фонд „Кочо Рацин“ на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а се добиени главно со откуп или пак како подароци од повеќе донатори.

Коста Солев, книжевен деец, комунистички активист, со проминентни размислувања и интереси за литературата, политиката, филозофијата и богомилството, својот псевдоним Рацин го добил по силно искажаната љубов кон Раца односно Рахилка Фирфова (1911-2000), девојка од богата градска фамилија. Тие живееле во истиот град, во Велес, но никогаш не се запознале.

„Рацин важел за голем уживател на женско друштво, но емоциите кон Раца очигледно не само што го надвладеале туку и биле главна инспирација за неговиот поетски живот. И покрај тежината на искажаните зборови во картичките, Рахилка никогаш не стапила во комуникација со Коста. Таа останала имуна на неговите искрени изблици на емоција. Од друга страна пак, тој едноставно немал храброст да ѝ пријде. За маката на невозвратеното внимание од нејзина страна, сведочат и стиховите напишани со крв на дел од картичките. Не само што е трогателно како чин, туку е и доказ за неговиот фанатичен наплив на емоции и секако страста која тлеела во него. Стиховите изразени во дописните картички се всушност дел од стихозбирката ’Антологија на болката’“, велат од НУБ.

Целата статија ТУКА
SDK.MK

- Реклама -