Љубовните писма како носталгичен разговор за едно далечно време

Јас сум од оние кои тешко се одвојуваат од ситници, спомени, нешта кои носат сеќавања, независно дали се работи за убави или малку тажни…Сепак, не сум затрупана со ѓубре, повремено рециклирам и со тешка мака се разделувам од старите предмети…на пример шолјите од кои сум пиела како дете, а од нив останало многу повеќе од парче керамика.

Така налетав и на љубовни писма, уредно спакувани во кутија од чевли, поврзани со сатенски рози со машна, малку пожолтени, со прав, но полни со сеќавања.

Секогаш успевам да се насмевнам кога ќе откријам нешто такво, како кога ќе се загледате во некој од оние стари фотографии, па изненадно ве обзема во исто време носталгија и некој чуден срам, што сте излегле баш така, а апаратот го забележал тоа.

Го отворам првото што ми падна под рака. Тој ми пишува мене. Љубов. Прва. Онаа вистинската.

Колку невешти зборови, а колку многу емоции. Читам и треперам како девица. Зборовите течат, а телото ми се облева со пот.

Помислувам на хормоните, годините што поминаа, им ја препишувам сета вина на нив.

„Те сакам толку што навечер не можам да дишам, толку ми недостасуваш. Ги затворам очите и како да си крај мене, како да го чувствувам мирисот на твојата коса…“

Во главата ми се редат слики, насмевка која се памети и срамежливите допири, додека очите ми летаат по хартијата.

А потоа ме стега некоја тага и тешкотија, за годините кои поминаа. Заборавив колку е убаво да слушнеш како некој ти вели Те сакам, како ти пишува Ми недостасуваш… Се се сведе на работа, плитки пораки по електронски пат, готвење, бакнеж во образ…

 

Срам ми е што сум заборавила да ги кажувам овие убави зборови, да ги напишам на хартија, па макар ги закачила на ладилникот со магнет.

Бидејќи оваа пожолтена хартија има душа, не исчезнала со годините, и не ја однесло минатото.

Брзо ги избришав солзите и заминав во детската соба. Зедов хартија и седнав да пишувам.

Еве ме, пишувам ново љубовно писмо. Добро е. Имам душа и утре ќе го пратам по пошта, онака на шега.

Ќе чекам поштарот да дојде дома, а потоа ќе гледам како го отвораш писмото.

Кој знае, можеби тоа ќе ни стане нова традиција, да почнеме да си пишуваме љубовни писма, бидејќи често забораваме да кажеме Те сакам…

М.Г

- Реклама -