Љубовната афера на Светската здравствена организација и Монсанто

581625_051802c3_f[1]

Ако си чул за Монсанто, си чул и куп лоши вести за нивниот пестицид Round-up, кој ја содржи спорната супстанца глифосфат.

Светската здравствена организација (WHO) пак скокна во вкрстениот оган на критичарите кои ја обвинуваат дека ѝ служи на крупната хемиска индустрија, објавувајќи студија од која произлегува дека е „многу малку веројатно“ супстанцата глифосфат – во составот на повеќето пестициди кои ги произведува американскиот ГМО гигант – да е причината за канцерогените заболувања кај луѓето.

Овој заклучок е објавен набрзо по предупредувањето што Меѓународниот центар за истражување на канцерот (и самиот институција на СЗО) го објави пред малку повеќе од година, во кој рече дека глифосфатот е канцероген.

Скептиците сметаат дека оваа изјава на СЗО, и покрај тоа што предупредувањето лани предизвика големо внимание во јавноста, е резултат на тоа што хемиската и агроиндустријата не се откажале од борбата и не седеле со скрстени раце, а наместо тоа покренале своја армија лобисти во ЕУ и Брисел.

Европската унија оваа недела ќе гласа за понатамошната дозвола за пестицидот. Франција е со сигурност против, а ако германските министерства не постигнат согласност – и Германија ќе се воздржи од гласањето, со што ќе се доведе во прашање мнозинството во ЕУ кое сега засега е за продолжување на дозволата.

Така, панел експертите кои ја советуваат Европската комисија по научните прашања, едноставно ги порекнаа нивните колеги од Меѓународниот институт, што е стара класична финта со која големата индустрија се има послужено во многу наврати – било да е осиромашен ураниум, било да се пластичните амбалажи, пестицидите или ГМО: „Нема докази дека е канцероген“.

Можеше лесно да се случи и покрај спорната ситуација, Европската комисија да излезе пред Европскиот парламент и со препорака да се дозволи флифосфатот на 15 години, но според критичарите, очигледно немало доволно потплатени лобисти, па ЕП во незадолжителната резолуција излезе со препорака за продолжување на „само“ 7 години.

Сегашната дозвола за глифосфатите истекува во јуни, па логично е да се зајакне „научната“ одбрана на супстанцата. Истото се случи и со осиромашениот ураниум пред 15 години. Во монографијата влегоа само „подобните“ студии и извештаи, а другите наводно не се земени во предвид. Тоа овозможи подоцна сите да се повикуваат на студијата на СЗО како на краен збор на науката.

Тврдењето на СЗО дека глифосфатот не е канцероген го дискутираше и германскиот портал Deutsche Вirtšafts Nahrihten, истакнувајќи дека СЗО мора да е или „хаотична група“, или „под страшен притисок“.

Агенцијата Ројтерс исто така се бави со спектакуларниот пресврт, повикувајќи се на анонимни експерти на Светската организација за храна (ФАО) и СЗО, кои тврдат дека хемикалијата не предизвикува никаква промена во човечкиот генотип, но без притоа да понудат солиден доказ. Германскиот „Шпигел“ напиша дека најновиот заклучок на СЗО дефинитивно ќе одигра голема улога во конечната одлука на Брисел.

„По детална анализа на сите достапни податоци, експертите заклучија дека за консументите, трагите од глифосфат во исхраната не претставуваат здравствени ризици“, рече за онлајн изданието на весникот Анџелика Тричер од СЗО. „Од државните органи се бара да ги постават и да ги контролираат граничните вредности, со цел заштита на потрошувачите. Секако, мора да се земе во предвид дека пестицидите сами по себе се токсични. Оттука е поодговорно да се однесуваме со нив под основна претпоставка на заштита на здравјето“.

Ако СЗО работи за потребите на големата индустрија, зошто го прави тоа? Очигледниот одговор би бил дека самата индустрија го финансира СЗО. Во почетокот, по Втората светска војна, СЗО како дел од мрежата на организации на Обединетите Нации беше финансирана исклучиво од државните буџети, а заедничката цел беше да се унапреди глобалното здравје. И покрај големите успеси што ги постигна, како искоренувањето на вариолата во седумдесетите години, под раководство на јапонецот Накаџима, во меѓувреме беше дозволено финансирање од приватни извори, кои сега достигнуваат до две третини од вкупниот буџет на СЗО. Сосема логично, кога ќе се земе во предвид фактот дека повеќето држави се презадолжени и се соочуваат со дефицит во националните каси.

Глифосфатот се користи во европското полјоделство уште од 70-тите години. Според едно истражување спроведено од универзитетот во Гетинген, хемикалијата се користи на 37 отсто од нивите во Германија. Монсанто го продава под името Round-up, а минатата година оствари обрт од 4.8 милијарди долари. И други концерни го произведуваат овој пестицид, меѓу кои и такви од ЕУ и Кина.

- Реклама -