Во вчерашното гостување во „24 Анализа“ на ТВ 24, покрај другите актуелни теми, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија – Љубчо Георгиевски, зборуваше и за уставните измени и „кризата“ во обезбедувањето на двотретинското мнозинство и преговорите со албанските опозициони партии, пред сé БЕСА.
„Беса не се поголеми патриоти ни од ДУИ, ни од ДПА, ни од другите албански партии и верувам дека ќе надвладее разумот и конечно ќе се тргне да се реши овој проблем. Луѓето размислуваат на црни сценарија, а не сакаат да ги погледнат вистинските црни сценарија. Ако не го решиме проблемот и не влеземе во ЕУ и НАТО, економски ќе доцниме зад сите, луѓето ќе почнат да се иселуваат, ќе се испразни Македонија“, истакна Георгиевски.
Од друга страна, Георгиевски смета дека постои елегантно решение за тврдоглавоста на БЕСА и обезбедување на 80 пратеници – надоместување на нивното негласање со гласови од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Според Георгиевски, тоа би бил чин за конкретна одбрана на македонскиот идентитет, чин со кој пратениците на ВМРО-ДПМНЕ би го потврдиле декларираниот патриотизам.
„ВМРО-ДПМНЕ мора да стане државотворна партија во овој момент. Еве, јавно ќе дадам еден совет, кој не сум го пратил тајно на никого во ВМРО-ДПМНЕ. Сега имаме уцена од оние двајца пратеници на Беса, за да се избрише придавката ‘македонско’ (кај државјанството – н.з.). Замислете Заев да е во таква ситуација, да треба да попушти и таа да се избрише, само за да помине Договорот со Грција? И што сега? ВМРО-ДПМНЕ и други патриотски партии ќе бидат среќни со тоа? Јас не би бил среќен. Во овој момент таа ситуација би била еден добар мост за да се каже: ‘Еве, вие покажавте дека сте неспособни да организирате 80 пратеници, ние свесно ви даваме двајца, само Македонија да не прави нови отстапки во Договорот со Грција“, апелира Георгиевски.
Со тоа, смета Георгиевски, ВМРО-ДПМНЕ би го „испеглала“ и односот со меѓународната заедница, но и би заштитила дел од она што се нарекува македонска кауза.