Изминативе стотици години наназад, рибарите во Тајван ловат сардини со помош на оган. Тоа е традиција што датира од времето на јапонското владеење, и е исто толку импресивна колку што е едноставна.
Чамците испловуваат ноќе, а преку работ виси запалена прачка бамбус која на едниот крај е прекриена со сулфурна почва – нејзиното горење создава светол пламен. Сулфурот се раствора во водата, а гасот што се создава во тој момент светка со искри. Привлечени од светлосниот спектакл, сардините скокаат надвор од водата и директно во рибарските мрежи.
Една риболовна сесија под ноќното небо може да донесе меѓу три и четири тони сардина по чамец, а дури и тајванската влада го субвенционира ваквото ловење со цел да ја одржи традицијата и да привлече туристи.
И покрај тоа, ваквиот риболов денес се практикува само во пристаништето Џиншан. Пред 2-3 децении, таму имало околу 300 чамци што ловеле риба со сулфурен оган, но денес има само три. Во добра вечер, тим рибари можат да заработат и до 4.500 долари. Па, зошто тогаш традицијава умира?
Покрај тоа што рибарењето со оган настрада од помодерната рибарска опрема, причина е и што сезоната на сардините трае само три месеци, од мај до јули. Сепак, најважно е што Тајван се соочува со масовен егзодус на младите луѓе од рибарските села, впрочем како и секаде, кои очигледно не се заинтересирани за сардини и жижици. Просечната старост на преостанатите рибари е околу 60 години, а без млади наследници, на традицијата не ѝ претстои светла иднина (иронично, не?).
Во „златните години“, рибарењето со сулфурен оган беше меѓу топ 8-те атракции во областа Џиншан. Еве зошто ќе биде греота традицијава да умре: