Растен во планинската област Сиера де Пенамајор во северна Шпанија, Аладино Монтес ловел елени уште од дете. Престанал преку ноќ пред 10 години, кога ја сретнал Бамби – неодоливо мила срна која до ден денес му е најдобар другар. Ако денес го прашате, Аладино ќе рече дека попрво би умрел отколку да одземе уште еден живот.
Сега 53-годишниот екс ловџија се сеќава на денот на средбата. Додека возел со џипот низ планината, забележал неколку крави што паселе и со нив, слаба малечка срна. Елените обично не висат со крави, па Монтес решил одблизу да испита за што се работи. Кога се приближил, забележал дека срната има неколку сериозни рани, и дека веројатно ќе умре без соодветна медицинска помош. Ја ставил во џипот и ја однел дома, каде што ја негувал сé до денот кога оздравела. Кога дошло време да ја пушти, срната одбивала да избега кон шумата, а и на Аладино веќе му била прирасната за срце. Оттогаш се најдобри пријатели.
Нивното пријателство тотално му го променило ставот кон ловењето. Тој всушност отсекогаш сакал животни, но татко му го научил да лови уште кога бил дете, со таа разлика што Аладино ловел исклучиво за храна, а не и како спорт. И покрај тоа, откако ја посвоил Бамби (името ѝ го дал затоа што го потсетила на дизниевиот лик) тој ниту еднаш нема пукано кон друго животно.
Кабината на Аладино се наоѓа на 1.140 метри надморска височина, и неретко е посетувана од туристи. Но не заради прекрасниот поглед, туку заради Бамби. Луѓето сакаат да се уверат во нивната приказна, но и нормално, да ја видат пријателски настроената срна. Понекогаш Бамби знае да влезе во барот и да го бара Аладино, оставајќи ги гостите со подзинати усти. Ако е расположена, некогаш им дозволува и да ја погалат.
Сепак, со никого не ѝ е удобно како со Аладино. Толку се чувствува безбедна, што тоа привлекува и други елени да му се доближат. „Другите елени гледаат дека сме другари, па и тие ми веруваат“, вели тој.
Екс ловџијата има посвоено и лисица. И нивната дружба не е за потценување – многу се блиски, а лисицата често јаде месо директно од неговата рака.
„Станувам многу емотивен кога зборувам за нив“, вели насолзениот Аладино. „Тие се мои животни, тие се навистина посебни. Не знам како можев да ги убивам претходно. Денес тие ми се животот“.
И кога другпат некој ќе рече дека луѓе не се менуваат, покажи му ги Аладино и Бамби како се гушкаат.