Лондон е на пат да стане првиот град во светот прогласен за национален парк.
Национален парк може да биде град кој прави континуирани напори да им обезбеди повеќе паркови и зелени простори на своите граѓани, притоа промовирајќи зелено (еколошко) живеење среде урбаната џунгла.
Идејата за таква иницијатива е на поранешен професор по географија по име Даниел Равен-Елисон, кој пред пет години во името на Лондон започнал crowdfunding кампања, пред сé со цел да ја подигне свеста за екологијата и да ги натера лондончани да го ценат зеленилото околу себе. Меѓутоа, летово иницијативата доби поддршка и од лондонскиот градоначалник Садик Кан, а определбата на Лондон да стане национален парк ќе стане и официјална во јули 2019-та.
„Лондон не е само град, Лондон е пејзаж“, вели Елисон. „Лондон е пејзаж кој е дом не само на близу 9 милиони луѓе, туку и на исто толку дрва. Го споделуваме овој град со 15.000 други видови на жив свет и не мислам дека урбаниот живот е вреден помалку од животот кој го гледаме во можеби оние малку подалечни места од градовите“.
Сепак, за да стане првиот град-национален парк, Лондон прво мора да постави и исполни одредени цели. Во моментов 47% од регионот Лондон (Лондон во своите административни граници) се покриени со зеленило и зелени простори како паркови и голф терени. Градот, меѓутоа, сака тој процент да порасне над 50%. Тоа планира да го постигне со засадување на растенија на ѕидовите и крововите, како и со дополнителна изградба на животна средина за диви животни. Иницијативата на Лондон за град-национален парк одлично ќе оди рака под рака со градските иницијативи за намалување на загадувањето од автомобилите.
Фондацијата „Национален Парк Град“, која произлезе од кампањата на Равен-Елисон, како идни национални паркови ги мерка и Сан Франциско, Глазгов и други. Којзнае, може меѓу нив ќе се најде и Скопје, кога веќе имаме толку добри шанси за Зелена престолнина на Европа.