„Конечно, после речиси 30 години, железничката пруга за поврзување на Северна Македонија и Бугарија станува реалност. Добрите намери со кои беа поплочени повеќе најави досега, сега се преточени во конкретни, реални и најважно од сѐ – остварливи цели. Реалност, затоа што парите се обезбедени, вкупно 165 милиони евра. Реалност, затоа што имаме комплетно готов проект и затоа што привршува тендерската постапка за избор на изведувач. Реалност, затоа што следува градба на пругата оваа 2021 година. И конечно реалност, затоа што овој проект го придвижуваме заедно со нашите партнери од Бугарија“, изјави генералниот директор на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“ – Хари Локвенец, на денешната средба во Скопје со бугарскиот колега Красимир Папукчиски – генерален директор на Националната компанија за Железна и патна инфраструктура (ДК НКЖИ) на Република Бугарија.
Како што истакна Локвенец, тендерот е веќе распишан, а со изборот на изведувач започнува и тридецениската желба за реализација на проектот. Локвенец очекува за 3-4 месеци од сега, изградбата веќе да е во тек.
„За важноста на овој проект за нашата земја, за граѓаните, за стопанството, за бизнисот е зборувано многупати. Тој е дел од Коридорот 8 и железничкото поврзување на нашите две земји е взаемен влог во европската агенда за поврзување на целиот регион. Затоа денеска со мене е мојот колега од Бугарија. Ги засукавме ракавите и заедно, реалноста за која што денеска зборуваме да ја оствариме“, додаде тој.
Локвенец и Папукчиски остварија средба во просториите на ЈП „Железници на Република Северна Македонија“, на која присуствуваа и претставници на делегацијата на Европската Унија во Скопје. Како што велат од Владата, тие дале силна поддршка за реализација на проектот и продлабочување на инфраструктурната соработка. Потоа, тие заедно го посетиле градилиштето, делот од Коридорот 8, Режановце, првата делница од Куманово до границата со Република Бугарија.
Папукчиски искажа благодарност за брзата реакција и изразената подготвеност за продолжување на редовни работни состаноци за изградба на железничката линија Софија-Скопје.
„Овде сите сме свесни за нашата одговорност во однос на реализацијата на Паневропскиот транспортен Коридор 8, којшто ќе го поврзе Јадранското море со Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија. Знаете дека во моментов во ДП НКЖИ се спроведува проект за техничка помош за подготовка на проектот за модернизација на железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево – граница со Република Северна Македонија, којашто е дел од главната мрежа и делумно поминува долж Коридорот Ориент-Источен Медитеран. Инвестицискиот проект предвидува изградба на железничка магистрална пруга за опслужување на населението, домашниот и меѓународниот товарен сообраќај. Овој проект ќе обезбеди оперативна компатибилност на инфраструктурата, опремата, системите за управување, експлоатација и безбедност, како и поврзување со европските железнички мрежи преку примена на унифицирани стандарди и во согласност со барањата на Трансевропската транспортна мрежа. Во моментов, железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево има вкупна должина од 139 километри. Брзината во делот варира од 70 до 100 километри на час, со одредени ограничувања од 40 до 75 километри на час. По спроведувањето на проектот очекуваме брзината да достигне 130/160 километри на час. Да си посакаме плодна работа и да се потсетиме дека при изградбата на железничките пруги нашите предци знаеја дека градат историја“, рече Папукчиски.
Локвенец и Папукчиски искажаа силни заложби за вложување на професионалните компетенции, желба и одговорност за реализација на железничката линија којашто ја преминува границата меѓу Бугарија и Северна Македонија – тунелот Деве Баир. Дополнително, двајцата потенцираа дека сето ова не би било возможно без целосна поддршка од Европската Унија и практичното спроведување на основните принципи на европската солидарност.