Виена, 7 декември 2021 (МИА) – Новиот австриски канцелар Карл Нехамер најави дека „затворањето“, како што е планирано, ќе заврши на крајот на оваа недела, односно на 12 декември, но само за вакцинираните и излекуваните, а продолжува за невакцинираните.
Нехамер, на првата прес-конференција по преземањето на функцијата, рече дека во моментов има дискусија за тоа како да се спроведе крајот на „заклучувањето“ за да биде безбедено.
Тој рече дека свесно се одлучил на несекојдневен чин – да не дава интервјуа и изјави, како што е вообичаено по полагањето заклетва, туку поради ситуацијата со пандемијата, прво разговарал со струката и со претставници на опозицијата.
Нехамер посочи дека треба да се донесе одлука и дека земјата треба добро да се подготви да влезе во процесот, да се реши прашањето како и со какви мерки да се заврши локдаунот.
„Мора да бидеме свесни дека пред нас е моќен противник. Треба да го промениме начинот на кој зборуваме, да покажеме дека не работиме едни против други, туку да бидеме обединети, бидејќи вирусот е наш заеднички непријател, кој ни ја ограничува слободата“, рече Нехамер.
Тој посочи дека управувањето со пандемијата е приоритет на работата на Владата во моментов, пред сѐ како да се направи безбедно укинувањето на локдаунот.
„Јасно е дека ќе има отвоорање и јасно е дека локдаунот останува за невакцинираните. Мора да обезбедиме продолжување на економскиот раст, намалување на невработеноста и што поскоро вработените со скратено работно време да се вратат на нормална работа. Просперитетот е гарант за општествениот мир и напредок“, објасни тој.
Тој изјави дека заклучувањето го намалило и бројот на вакцинации и оти е важно да се укине заклучувањето за да се зголеми мотивацијата.
На прашањето дали ќе се отвори и угостителството и хотелскиот бизнис, Нехамер рече дека тоа е планирано, но прашање е како.
Во исто време, тој потсети дека покраините имаат можност автономно да донесат построги епидемиолошки мерки, но федералната држава мора да создаде рамка за отворање на земјата.